1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ромни победил во Ајова со само 8 гласови предност

Резултатот на првите внатрепартиски прелиминарни избори за кандидат на републиканците за претседател на САД упатува на екстремно тесна трка.

default

Мит Ромни

Поранешниот гувернер на Масачусетс, Мит Ромни, победил на предизборите за републикански кандидат за претседател на САД во сојузната држава Ајова со само осум гласови пред поранешниот сенатор од Пенсилванија, Рик Санторум, соопштил претставник на Републиканската партија. И Ромни и Санторум освоиле по околу 25 насто од гласовите на републиканските приврзеници во Ајова. На третото место е конгресменот од Тексас, Рон Пол. Во изборната трка во Ајова учествуваа осуммина кандидати.

Силен резултат за Ромни

Според конечните резултати од гласањето во Ајова објавени изутрината, Ромни освоил 30.015, а Санторум 30.007 гласови, пренесоа светските агенции.

USA Präsidentschaftskandidaten der Republikaner Mitt Romney

Аналитичарите сметаат дека Ромни има најголеми шанси да го победи претседателот Барак Обама

Резултатот што го постигна Ромни добива на значење со оглед дека Ајова, со претежно конзервативно население, не беше сметана за упориште на поранешниот гувернер на релативно либералната сојузна држава Масачусетс. Иако за многумина републиканци Ромни не е доволно конзервативен, аналитичарите сметаат дека тој има најголеми шанси да го победи претседателот Барак Обама на годинешните избори.

По Ајова следуваат внатрепартиските избори во Њу Хемпшир на 10 јануари, потоа во Јужна Каролина на 21 јануари и на Флорида на 31 јануари.

Гласањето републиканските приврзеници ќе го продолжат до 26 јуни во сите 50 сојузни држави, а номинацијата за претседателските избори конечно ќе биде одредена на републиканската конвенција на 27 август во градот Тампа, во сојузната држава Флорида.

Обама ги повика демократите на единство

Претседателот на САД Барак Обама ги повика своите приврзеници повторно да ги обединат силите во предизборната кампања.

Во телеконференциски разговор со избирачите од државата Ајова тој потсети дека пред четири години поддршката што ја добил во оваа држава го означила почетокот на неговиот пат кон Белата куќа, пренесоа агенциите.

„Промените никогаш не се лесни“, рече Обама.

„Проблемите кои ги решаваме во последните три години, не се натрупани за една ноќ и ние нема да ги решиме за една ноќ. Но ние напредуваме стабилно и треба да го задржиме ова темпо“, изјави претседателот.

Автор: Симе Недевски/ ЕМФ/ ртр/ ап/ афп/ миа

Редактор: Александра Трајковска