1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Роми од Македонија бегаат кон Германија

Заморени, совладани, бездомници: семејството Реџеп дојде од Македонија во Германија. Ова е нивниот нов живот - 4 метри квадратни по човек, полски кревети, ќебиња и неколку работи за скојдневни потреби.

Заморени, совладани, бездомници: семејството Реџеп дојде од Македонија во Германија. Ова е нивниот нов живот - 4 метри квадратни по човек, полски кревети, ќебиња и неколку работи за скојдневни потреби. Ромското семејство е сместено во прифатилиштето во Уна-Масен.

„Морав да ја напуштам татковината. Ние Ромите во Македонија сме насекаде дискриминирани. Таму не добив работа, ние таму немаме шанси“, вели Мустафа Реџеп, барател на азил од Македонија.

Шутка, населба во Скопје, главниот град на Македонија, татковината на семејството Реџеп. Шутка е позната како најголема ромска населба во Европа. Многу бргу станува јасно зошто луѓето сакаат да побегнат одовде - условите за живот се нехумани, насекаде ѓубре, смрдеа; сиромаштија каква што во Германија не е позната. Луѓето се жалат поради нехигиената и бесперспективноста.

Standbild Evropanorama

Додека се инвестираат 200 милиони евра во проектот „Скопје 2014-та“, населението во Шутка живее во тешки услови

„Немаме ништо. Добиваме само 2 илјади денари социјална помош за деветчлено семејство. Тоа се околу 35 евра. Мажот ми е болен и не може да работи, немаме пари ниту за лекар, ниту за лекови“, вели една жителка на Шутка.

„Секој ни ветува помош, но потоа ништо не се случува. Можете да видите како изгледа мојата куќа, покривот има дупки, ги гледате електричните кабли. Но, помош не добивам. Тоа е лошото овде“, објаснува друг жител на Шутка.

Македонија е кандидат за пристапување кон ЕУ. Во 2009 година се укинати визите за патување во Европа. Оттогаш шверцери на луѓе мамат со лажни ветувања. Веќе се расчу наоколу дека од јули помошта за барателите на азил во Германија е покачена за 130 евра месечно. Секој со кого зборувавме смета дека знае колку пари би му следувало.

„Тие што ќе побараат азил, добиваат околу 340 евра по човек. Ако сте петмина, во Германија ќе добиете околу 1700 евра. Зошто, тогаш, да не одиме таму? Како би решиле вие?“, прашува еден жител на Шутка.

Повторно сме во прифатилиштето за азиланти во Уна-Масен. Овде живеат околу 230 бегалци од 20 нации. Капацитетот треба да биде проширен на 400 места. Насекаде во Германија сместувалиштата се преполни оти се’ повеќе луге доаѓаат во Европа и во Германија. Особено многу се зголеми бројката на баратели на азил од Македонија.

Gordana Jankuloska

Гордана Јанкулоска уверува дека се прават строги контроли при излезот од земјата, со цел да се спречат лажните азиланти да ја злоупотребат визната либерализација

Ханјц Друкс од Советот за бегалци во Северна Рајна Вестфалија смета дека ваквиот развој беше предвидлив, па се чуди зошто политиката не беше подготвена.

„Секој во политиката, кој се занимава со оваа тема, сосем точно знае какви се условите во Србија и Македонија. За Ромите, пак, се уште потешки. Искуството од последните години покажува дека пред зимата луѓето гледаат како да преживеат, оти во живеалиштата што сами ги скрпиле од пластични фолии, тоа не е можно“, изјави Ханјц Друкс од Совет за бегалци во Северна Рајна Вестфалија.

Советот за бегалци предупредува да не се прави хистерија: во големиот бран на азиланти во Германија на почетокот на 90-тите години имаше околу 440 илјади бегалци. Сега се одвај 40-ина илјади баратели на азил. Многумина им префрлуваат на бегалците злоупотреба на азилот. Македонија се смета за “сигурна земја“ во која официјално нема политичко прогонување.

„Тоа е прашање на дефиницијата. Ако морам да живеам во сиромаштија поради мојата етничка припадност, тогаш тоа го сметам за прогонување. Никој не доаѓа овде заради 130 евра месечно повеќе. Тоа може да е дополнителен аргумент, но клучен фактор се условите во земјите од кои доаѓаат тие луѓе“, вели Друкс.

Германија се обидува да се справи со ситуацијата, има намера побрзо да ги обработува барањата за азил од Ромите. Но, проблемите мора да ги реши македонската влада. А таа, изгледа, е само половично расположена за тоа. Се чини дека пари има - додека Ромите живеат во слам, се реализира проектот „Скопје 2014“, вреден 200 милиони евра. Владата сака членство во ЕУ, а бран од бегалци не е баш некоја препорака. Таа полага врз контроли при напуштањето на земјата, наместо врз помош за Ромите.

Kind im Roma-Slum Shutka flash

Многу од Ромите од Шутка сакаат со семејствата да побараат азил во Германија

„Врз основа на документите за поводот и организацијата на патувањето, како и сместувањето за време на престојот во странство, решаваме дали некој смее без виза да отпатува. Сакаме и да знаеме дали е некој во состојба сам да ги сноси трошоците за патувањето“, објаснува македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска како македонските власти се справуваат со одливот на лажните азиланти.

Повторно сме во Уна-Масен. Лекар го прегледува Мустафа Реџеп. Тој веќе 4 години има силни болки бо градите и проблеми со дишењето. Во татковината не бил лекуван.

„Имам здравствени проблеми. Ако излезам на крај со нив, радо би сакал овде да работам и да живеам“, објаснува Мустафа Реџеп, барател на азил од Македонија.

Но, Мустафа Реџеп и неговото семејство немаат речиси никаква шанса да останат. Само 0,5 проценти од барањата за азил од Ромите се одобрени.

Поврзана содржина