1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Роми од Бугарија и Романија во Дуизбург

Многу Роми од Романија и од Бугарија бараат прибежиште во Германија од сиромаштијата и дискриминацијата во нивните татковини. Но, и овде тие живеат во човечки недостојни услови.

Не е тешко да се препознаат во масата луѓе на улиците на Дуизбург-Маркслох. Со огромни пластични кеси на грбот полни пластични шишиња и друг рециклирачки отпад, паѓаат в очи во мултикултурното милје. Тие итаат покрај продавниците со турски имиња, исчезнувајќи во куќи со руинирани врати. Тоа се луѓе од Романија и Бугарија, претежно Роми.

Во шесте години по приемот на Романија и Бугарија во ЕУ (2007. година) во Дуизбург се доселиле околу 10 илјади граѓани од овие земји. Овде, во квартот Маркслох, живеат често во нечовечки услови. Вратите најчесто се поткрепени, наместо прозорски стакла има закачени теписи или кебиња во рамките. Во мали двособни станови живеат до десет возрасни со децата. Пластичните шишиња од ѓубрето, за чие враќање во супермаркетите се добива кауција, често се нивниот единствен извор на пари. Тие кажуваат дека добиваат пари за своите деца од градот, ако девојчињата или момчињата одат во градинка или во училиште. Безгрижно признаваат-многу од нив се принудени да крадат за да преживеат, зашто не смеат да работат.

„Да умрам ако уште еднаш крадам“, вели една жена и се прекрстува. Таа продава весник чии приходи се во полза на бездомниците и притоа заработува еден дел за храна. Ромката веќе заработила и условна казна, откако ја фатиле во дрогерија како краде жилети. Во никој случај не би ризикувала повторно да ја казнат за производ од 70 центи, вели таа.

Duisburg Marxloh Roma

Дуизбург Маркслох

Протерани од Франција, избегани од Италија

Најголем дел од овие луѓе во Дуизбург стигнал по заобиколни патишта. Извесно време овие Роми најчесто биле во Франција, но тогашниот француски претседател Никола Саркози нареди нивно протерување. Од Италија и од Шпанија ги истераа последиците на финансиската криза. Сега се во Дуизбург и водат живот на кој никој не би им позавидел. Тие се сместени во станови во кои никој друг не сака да живее. Со парите кои ги заштедуваат од месец во месец, одвај ја плаќаат киријата. За друго немаат пари, ниту за превод на итно потребните документи.

Речиси две години за проблемите на овие луѓе преку проектот „ЕУ-доселување од Источна Европа“ се грижи Здружението за поддршка ориентирана кон иднината, ZOV e.V. Иницијативата беше формирана минатите години по постојаниот раст на луѓе од Романија и Бугарија кои стигнуваа во Германија, а за последица имаше конфликтни ситуации. Социјалните работници кои зборуваат романски или бугарски ги придружуваат новите жители кај сите власти. На луѓето им е тешко да одговорат на безбројните прашања на службениците. Една млада жена се жести: „Зошто овие луѓе ги интересира кој е татко на моето дете? Тоа ни јас самата не го знам! Тие сите се расисти!“ Еден сосед бил казнет со илјада евра, фатен при кражба во продавница за чевли. Да имал толку пари, немало да стане крадец, објаснува тој разгневено. Здружението за поддршка ориентирана кон иднината се обидува да посредува и да помогне. Можеби е можно намалување на казната.

Помага и Дитер Хуберт, евангелистички свештеник од Романија. Тој е пастор и заедно со колегата Хајнер Аугустин се грижи за новите доселеници. Но, помош не им е потребна само ним, туку и на староседелците. Нивниот некогаш идиличен живот поради новите соседи се претумба. Сопственикот на зградата каде се сместени Ромите е од екс Југославија. Тој со добивка им ги издава становите на луѓето од Романија и Бугарија. Жителите за него раскажуваат дека води и јавна куќа и е еден од најважните членови на познатата банда „Лос Бандидос“.

Десните радикали го користат стравот

Фрустрацијата на староседелците ја злоупотребува организацијата Про НРВ, која е против странците, стартувајќи анти-ромска кампања во Дуизбург: „Земете им ги децата“, гласи мотото на нивната акција. „Истерајте ги сите!“, гласи мотото на друга слична акција. Притоа, протерувањето не е можно од правни причини- новите жители се граѓани на ЕУ. Тие имаат право на слободен избор на живеење во ЕУ. По извесно време тие добиваат и право на престој, по што смеат да работат, сосем легално.

Но, дотогаш се обидуваат да преживеат со повремена работа. Тие на градилиштата добиваат три евра за час, една третина од она пропишано со минималната плата. Но, не е лесно да се добие подобра работа, конкуренцијата е голема. И покрај сета мака за овие луѓе на работ на општеството едно е јасно: не сакаат назад во татковината, од страв од дискриминација или од тамошната уште поголема сиромаштија.