1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ромите во Македонија бараат Рамковен договор за нив

На конгресот на Партијата за целосна еманципација на Ромите беше побаран нов рамковен договор за Ромите. Експертите сметаат дека јакнењето на постоечкиот ќе ја засили внатрешната меѓуетничка кохезија во земјата.

default

Атилан Реџепи, Самка Ибраимовски и Хасан Идриз

Партијата за целосна еманципацијата на Ромите на својот конгрес, одржан деновиве во Тетово, донесе политичка декларација, со која бара донесување нов рамковен договор пооделно само за припадниците на овој малцински етникум во земјата. „Со овој постоен рамковен договор предоминантно се реализираат и се штитат интересите и барањата на Албанците, а Ромите остануваат со инфериорен општествен статус“, се наведува во таа декларација. Tаа веќе им била доставена на евроамбасaдорот Ерван Фуере, американскиот амбасадор Филип Рикер и на претставниците на ОБСЕ во Скопје.

Политичка декларација на ПЦЕР за нов рамковен договор само за Ромите

Самка Ибраимовски, претседателот на споменатата ромска партија, посочува на суштинското барање во декларацијата: „Ние не бараме ништо посебно од она што ни следува; значи, со 2,6 отсто да бидеме присутни во системот на државата, Ромите да бидат присутни во сите институции. Многу делегати од 25-те градови во Македонија на конгресот поставија прашање: ’зошто не се спроведува Рамковниот договор и за нас?“ Ибраимовски дополнува: „Ние бараме застапеност согласно со статистиката, иако тие статистички податоци од многу причини не се точни: има многу Роми запишани како Македонци, Албанци, или Турци. Очекуваме реалната слика да ја даде пописот во 2011-та година.“

Хасан Идриз, како раководител на ромската невладина организација „Англунипе“ – „Просперитет“ од Тетово, истакнува: „Потребно е час поскоро и меѓународните организации да извршат притисок врз владата, да им кажат дека ромската етничка заедница е со години маргинализирана. Дека се потребни колку е можно побргу механизми за кревање на статусот на Ромите на повисоко рамниште во Македонија.“


Етничките заедници треба да учествуваат во креирањето и спроведувањето на политиките во државата

Абдулаќим Адеми, потпретседателот на Владата, задолжен за примената на Рамковниот договор, во една скорешна

Suto Orizari in Skopje

Општина Шуто Оризари во Скопје

изјава за статусот на етничките заедници во Македонија, истакна: „Што се однесува до правичната и соодветна застапеност на сите етнички заедници не е важно да имаме само бројки, туку на кои позиции се наоѓаат припадниците на етничките заедници, дали има нивни претставници на раководни функции. Важно е тоа дали етничките заедници учествуваат во креирањето и спроведувањето на политиките во државата, дали се тие активни учесници во процесите за создавање една подобра Македонија. Етничките заедници во земјата треба да ги чувствуваат институциите како свои, треба да даваат придонес за државата, да ги преземат своите одговорности. “

Експертите генерално укажуваат на оправданоста на барањето за подобрување на статусот на Ромите во мера уште поголема од сегашните напори, кои се чинат од Владата на РМ и државните институции на овој план.

Константин Миновски, професор по социологија на етничките групи на Државниот универзитет во Скопје, нагласува: „Не е неосновано тоа барање на Ромите. Тие се најмаргинализираната етничка група во Македонија, без сомневање тие се наоѓаат на самото општествено дно, и покрај сите напори кои ги чини Република Македонија за подобрување на нивната инаку тешка општествена ситуација во рамки на ’Декадата на Ромите’. Сега, друго прашање е дали тоа ќе биде во онаа форма, која ја бараат тие, дали ќе може да се направи таков договор. Тука ќе се види како ќе реагираат институциите. Во секој случај, мислам дека не можат да се запостават тие настојувања и барања на Ромите.“

Рамковниот договор има интегративен карактер

Арафат Шабани, професор на студиите за мултикултурализам и меѓуетнички односи на Штуловиот универзитет во Тетово, вели: „Главниот проблем произлегува од неспроведувањето на Охридскиот рамковен договор, од оддолжувањето на примената на некои негови делови – колку повеќе тоа се пролонгира, толку повеќе настануваат проблеми и коментари дека тој договор не постои, оти е потребна некоја друга таква спогодба. Ова се случува и кај Албанците, па и Србите во последно време бараат некаков ’свој’ рамковен договор. Ова нема крај. Постојниот договор има интегративен карактер, тој ги интегрира, ги вклучува во својата

Flash-Galerie Roma Flagge

структура и во општеството сите индивидуи и сите етнички заедници. Неговото целосно остварување ќе ги острани поодделните чувства за маргинализираност.“

Осман Кадриу, професор по уставен и политички систем на ФОН универзитетот во Скопје, заклучува: „Барањата на Ромите се оправдани, основани, реални и објективни, но, сметам дека е непотребен посебен рамковен договор само за таа национална заедница. Тука е потребно засилување, односно, посоодветно вклучување на сите правни средства и правни механизми заради остварување на нивните права.“

Охридскиот договор не е наменет само за Албанците, туку за сите немнозински етнички заедници

Кадриу додава: „Ако се анализира добро Рамковниот договор од првата до последната страница, вклучувајќи ги и сите негови анекси, длабоко сум убеден дека ќе можеме веднаш да заклучиме оти овој акт не е наменет само за албанскиот етникум во Македонија. Напротив, станува збор за договор за националните права и за уставно – правниот и политичкиот статус на сите немнозински заедници во нашата држава. Охридскиот договор е преточен во измени на уставот, кои, исто така, не се однесуваат само на албанската етничка заедница. Уште поточно, таа не се ни споменува, туку се зборува за ’етнички заедници’, за нивно учество во централната и локалната власт, за нивна застапеност ... Што значи, и за ромската национална заедница.“

Претставниците на меѓународната заедница – пред неколку дена и гласноговорникот на американската амбасада во Скопје Рајан Роуланс – кажаа јасно дека се против каков било нов рамковен договор во Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска