1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Романците протестираат против проект за ископување злато

Во Романија се одржуваат едни од најголемите еколошки протести во посткомунистичката историја на земјата. Ширум земјата, против контроверзниот проект за ископување злато, протестираат илјадници луѓе.

„Тие го земаат нашето злато, ние добиваме цијанид“, извикуваат демонстрантите. На плакатите може да се прочита: „Предавство на земјата за шака злато“, или „Култура наместо цијанид“. Еколошки активисти протестираат заедно со родители и деца, студенти, скромно облечени пензионери, уметници и добростоечки припадници на средниот слој.

Во Букурешт со денови, секое попладне и вечер, повеќе илајди луѓе го блокираат сообраќајот во делови од центарот на градот. Екологистите на еден централен плоштад во романскиот главен град изградија камп. Протестите треба да продолжат уште најмалку една недела.

„Многу радува тоа што се зголемува општествената свест за екологијата и што тоа се манифестира на улиците“, вели пратеникот од редовите на Зелените, Ремус Чернеа.

Многу злато и многу пари

На протести повикаа романските еколошки организации откако владата на Виктор Понта по долгогодишно одлагање, на почетокот на последната недела даде зелено светло за проектот на Росија Монтана тежок милијарди, кој се однесува на ископувањето злато. Сега за предлогот на владата треба да гласа парламентот во Букурешт.

Романскиот претседател Трајан Басеску, кој досега експлицитно се залагаше за проектот, во понеделникот (02.09) изјави дека смета оти протестите се оправдани и дека е можно да се распише референдум за намерите на власта. Претходно, слично контроверзна, беше и изјавата на премиерот Понта. Тој рече дека како премиер е обврзан да го поттикнува проектот, но лично е против и затоа во парламентот ќе гласа против. Понта ги повика пратениците од владејачкото мнозинство во парламентот да гласаат исклучиво според сопствена совест. Терминот на гласање се‘ уште не е познат.

Со проектот, канадско-романската фирма Росија Монтана Голд Корпорејшн (РГМЦ) во селото Росија Монтана треба да ископа 300 тони злато и 1.600 тони сребро со користење цијанид при ископувањето. Местто важи за најбогато наоѓалиште на злато во Европа. Ископувањето би требало да почне од 2016 година, а според проценките, тоа треба да донесе добивка од 2,3 милијарди долари.

Arbeiter Rosia Montana Gold Corporation

Фирмата Росија Монтана Голд Корпорејшн треба да екстрахира 300 тони злато

Сомнежи

Главни инвеститори во РГМЦ, меѓу другите, се американските милијардери Џон Паулсон и Томас Каплан, како и израелскиот могул во бизнисот со дијаманти Бени Стеинмец. И покрај тоа што не ги има обезбедено сите дозволи, претпријатието веќе инвестираше повеќе стотици милиони долари и пресели голем дел од жителите на Росија Монтана. Дел од населението, меѓутоа, се спротивставува и одбива да и‘ го продаде на РГМЦ својот имот.

Заради проектот, треба да се расчисти комплетно долината околус елото Росија Монтана, пред се‘ со цел да се добијат огромни базени во кои ќе се складираат цијанид и отпадни води полни со тешки метали. Екологистите стравуваат дека со тоа ќе се загади водата во регионот. Освен тоа, тие предупредуваат дека постојаните експлозии во околината може да предизвикаат уривање на браните на базените.

Rumänische Umweltschützer Proteste in London

Едно од најголемите протести во посткомунистичка Романија

Дали се политичарите купени?

Еуген Давид, селанец од Росија Монтана и претседател на невладината организација Албурнус Мајор, која се бори против проектот, вели дека „проектот е голема еко-свинштина“. Пратеникот либерал и поранешен министер за култура, Теодор Палеологу, се согласува: „Проектот е технички несериозен, законите за него се спротивни на уставот, затоа што се укинува правото на сопственост и се игнорираат интересите на романсаката држава, а корумпирани се и многумина политичари.“

Навистина, многу романски политичари во текот на изминатите години изненадувачки го променија ставот за проектот. Меѓу нив е премиерот Виктор Понта, кој како опозиицонер беше јасен противник на проектот. Фирмата РМЦГ демантира дека поткупувала политичари. Таа во изминатите години вложила многу пари во ПР-кампањи за да ја увери романската јавност во полезноста на проектот и во тоа дека тој е во согласност со еколошките стандарди.

Сепак, мнозинството Романци се‘ уште е против проектот, поради убедлива причина - при несреќата со цијанид во 2000 година во Баја Маре, во северниот дел на Романија, по повеќедневни дождови се урнаа насипите на еден од базените и притоа 100.000 тони кал полна со цијанид и тешки метали истече во реките Тиса и Дунав и беше предизвикана една од најтешките еколошки катастрофи во европската историја.

Покрај жителите во и околу Баја Маре, Унгарија беше таа што претрпе најголеми последици. На повеќе стотици километри од течението на Тиса беше уништен сиот жив свет. Унгарија стравува дека вакво сценарио би можело да се повтори, па владите во Букурешт постојано протестираат против проектот во Росија Монтана. Во понделеникот (03.09) унгарската влада повторно до Романија побара запирање на проектот.