1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Романскиот премиер Бок поднесе оставка

Емил Бок си заминува од функцијата по бранот протести против владините мерки за штедење. Предвремени избори наесен

default

Емил Бок

Романскиот премиер Емил Бок си поднесе оставка, за како што рече, да ги намали политичките и социјалните тензии во оваа земја. Оставката на Бок доаѓа по повеќенеделните протести на илјадници демонстранти во Букурешт и во други романски градови, на кои се демонстрираше против владините мерки за штедење.

Се очекува предвремените парламентарни избори во земјата да се одржат наесен, а најголем фаворит е левичарската опозициска коалиција која според анкетите ја ужива поддршката на речиси 50 отсто од анкетираните граѓани. Десноцентристичката ПДЛ на Бок заостанува во анкетите со околу 20-процентна поддршка.

Бок, кој стана премиер во 2008. година, ги повика разединетите политичари во земјата да покажат зрелост и што е можно побрзо да гласаат за нова влада, која се очекува да биде од технички карактер и да биде предводена од некој од водечките економисти во земјата.

Бок презеде серија тешки реформи, најголемиот дел од нив заради остварување на барањата на ММФ и Светската банка кои во 2009 година и одобрија кредит на земјата од 20 милијарди евра. Во 2010. романската влада го зголеми данокот од 19 на 24 проценти и ги намали платите на вработените во јавниот сектор за речиси една четвртина, за да го намали буџетскиот дефицит.

„Знам дека донесов тешки одлуки, но плодовите почнаа да се појавуваат. Најважна е економската стабилност на земјата. Во време на криза Владата не е во избор на популарност, туку за спас на земјата“, соопшти Бок.

Автор: БГ/АТ/дпа

Редактор: Б. Георгиевски