1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Романска кочница за Србија

Работите не се одвиваа според планираното. Романија блокираше одлука на министрите за надворешни работи на ЕУ околу кандидатскиот статус на Србија. Дадена е само препорака „за“, а одлуката ќе се донесе на самитот на ЕУ.

ЕУ, спротивно на очекувањата, вчера (28.02) не ја прогласи Србија за кандидат за прием во ЕУ. По големиот отпор на Романија, која бара Србија да ги признае околу 30-те илјади Власи како етнички Романци и да им пружи соодветна заштита, министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел се договорија да им препорачаат на шефовите на држави и влади на Унијата да и‘ доделат статус на кандидат на Србија.

„Ќе има уште дискусии. Она што го постигнавме е заедничка препорака за статус на кандидат за Србија и се усогласивме дека Србија ги има исполнето поставените критериуми“, изјави претседавачот со Советот на министри, данскиот министер за европски прашања Николај Вамен. Тој посебно потенцираше дека препораката стигнала од страна на сите земји членки, „па и на Романија“.

Тадиќ не е изненаден

Српскиот претседател Борис Тадиќ по седницата изјави дека „не треба да се рече дека е се‘ готово“. Околу романскиот став, Тадиќ нагласи дека ништо не го изненадува. „Никој во Србија не може да убеди кого било од граѓаните да се изјасни на одреден начин во национална смисла. Секој има право на попис да се изјаснува како припадник на која било етничка група и тоа е прашање на човекови слободи за кои се боревме во деведесетите“, изјави српскиот претседател.

Оптимизам во исходот на конечната одлука

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле во Брисел изјави дека „од германски аспект ќе беше соодветно и исправно“ ако одлуката беше донесена уште на средбата на шефовите на дипломатии и нагласи дека жали поради ставот на Романија.

Иако деновиве се очекуваат уште консултации со Букурешт, највисоките европски претставници велат дека се оптимисти во поглед на исходот и вестите кои до крајот на неделата би требало да стигнат од Брисел во Белград.

Потврда на кандидатски статус на Србија на самитот на Унијата утре и задутре (01/02.03) очекува и еврокомесарот за проширување Штефан Филе:

„Статусот на кандидат ќе отвори нова ера во односите на ЕУ и Србија. Очекувам Србија, како земја кандидат, да биде подготвена на натамошен напредок во реформските процеси за да се подготви за отворање пристапни преговори“, изјави Филе.

Автор: М.Максимовиќ /дпа/бета/ Е.Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска