1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Романија е пред важна одлука

Во Романија на 6 декември ќе се одржи втор круг од претседателските избори. Првиот круг одговараше на демократските стандарди, гласи оценката на ОБСЕ.

default

Романците треба да изберат меѓу две опции

Набљудувачката мисија на ОБСЕ меѓутоа констатирала и недостатоци, кои треба да се отстранат. Според романските медиуми, припадници на големите партии гласале повеќепати. За таа цел наводно биле пренесувани со автобуси и автомобили во специјалните гласачки места, предвидени за избирачи кои на денот на изборите не биле во местата во кои живеат, туку некаде на пат.

До романските служби стигнаа повеќе од 1300 поплаки за изборни манипулации, дел од нив се однесуваат и на фалсификати од страна на либералнодемократската партија на актуелниот претседател Трајан Басеску. А тој, инаку, се залага за борба против корупцијата. Во првиот мандат на Басеску повеќе министри од поранешната влада беа обвинети за мито и корупција, но никој не беше осуден на затворска казна.

Во постојан конфликт со парламентот

Traian Basescu Präsident Rumänien

Трајан Басеску

Претседателот е во постојан конфликт со парламентот - тој не може да се усогласи со големите пратенички групи околу избор на премиер, па земјата со недели има преодна влада. Басеску за време на изборната кампања призна две грешки. Но, на едно цврсто опстојува: „Идеалите на романскиот народ секогаш ќе останат и мои идеали. Секогаш се ќе спротиставам на парламентарно мнозинство кое нема да им се подложи на желбите на народот кој го избрал“.

Институционалниот конфликт меѓу претседателот и парламентот има и економски последици. Се‘ уште не е донесен буџетот за наредната година. ММФ поради ова, но и од други причини, одбива да ги префрли парите од еден дел од итно неопходниот кредит. Ако Басеску победи во вториот круг од претседателските избори за две недели, можеби ќе оди на предвремени парламентарни избори. Така политичкиот преоден период ќе се пролонгира, што ќе има економски последици. Многумина Романци не сакаат ни да си претстават такво нешто.

Социјалдемократ со либерални идеи

Околу 30 проценти од избирачите во првиот круг гласаа за социјалдемократот Мирча Ѓоана. За првпат тој е попопуларен од својата партија. Ѓоана се залага за договор со парламентот, нуди курс на политичко помирување:

Mircea Geoana Präsidentschaftskandidat Soziale Demokratische Partei Rumänien

Мирча Ѓоана

„Иако сум социјалдемократ, подготвен сум да ги прифатам либералните идеи, зашто се корисни и вредни. Улогата на претседателот е да постигне национален компромис, дури откако тој ќе биде постигнат, можеме да преминеме на реформи“.

Во нив може да спаѓаат и измени на изборниот закон. Т.н. изборен туризам во Романија е одамна познат феномен, токму како и купувањето гласови. Во вториот круг од изборите ќе биде пресудно кој од двајцата кандидати ќе ги придобие гласачите на третопласираниот кандидат Антонеску, а на отстапки и ветувања може да се надева и унгарското малцинство.

Автор: Гервалд Хертер/ Жана Ацеска

Редактор: Алаксандра Трајковска