1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Германија - мојата приказна

Романија - бегство во странство

Иселувањето во Романија има традиција. Но, никогаш порано на земјата не и‘ вртеле грб толку многу луѓе колку денес. Многумина заминуваат во Германија.

Кога Сорин Д. раскажува за татковината, тоа е комплицирано. Овој очен лекар во Германија живее веќе десет години и работи во очна клиника во Берлин. Но, сепак, 35-годишникот се‘ уште „патува дома“, кога за Божик или Велигден оди да го посети своето семејство во Мијеркуреа Чук. „Одговорни“ за ова патриотско чувство се неговиот родителски дом и мајчините јазици - унгарски и романски.

За Сорин Д. татковина е Романија, но оваа земја денес не е она што академски образуваниот човек го очекува од една модерна држава. Кога лани кај неговиот вујко бил дијагностициран рак, болничкото лекување се претворило во тортура - болниот морал сам да си обезбеди лекови и медицински материјал, персоналот го навредувал, а по операцијата речиси дехидрирал. Вујкото на Сорин умрел шест месеци по дијагнозата на рак, иако, како што до денес е убеден лекарот, тој можел да биде спасен.

„Во романските болници владее непрофесионалност и нехуманост, без мито и онака не оди ништо“, гласи бизарниот заклучок на очниот лекар. Василе Астарастојае, претседател на романскиот лекарски сојуз, поради недостигот од речиси 50 илјади лекари, предупредува дека е можен крах на здравственото згрижување.

Лукративна трговија со државјани

Не е чудо што образуваните луѓе ја напуштаат Романија за да направат нов почеток во странство. Лекари, инженери, негуватели, економисти или правници - постои вистински „бреин дреин“, тврди политикологот Кристијан Парвулеску од Букурешт:

„Станува се‘ потешко да биде одржан извесен квалитет во јавните служби. А без силни јавни служби и без добро образование нема ефикасна функционирачка демократија“.

Печалбарството во Романија има долга традиција. Уште од средината на 19. век, кога романските војводи почнувале да се ослободуваат од османското влијание, за елитата било пожелно некое време да се помине во западна Европа. Романците од пониските слоеви напротив се иселувале во САД.

За малцинствата и берачите на јагоди

Во ерата на комунистичката диктатура, грбот на Романија и‘ го вртеле малцинствата. До соборувањето на диктаторот Николае Чаушеску, во декември 1989. година, земјата ја напуштил наjголем дел од околу 400 илјади Евреи кои го преживеале холокаустот, како и повеќе од половината луѓе од 350 илјадното германско малцинство. Бегалски бран, што падот на Железната завеса дополнително го засили.

Krise in Rumänien 1990

Фотографија од 1990. година во време на кризата во Романија

По преминот во новиот век, мигрирањето од Романија дистигна рекордна вредност. Потребата од работна сила во јужноевропските држави, како Шпанија и Италија, и постепеното либерализирање на патувањето, привлекоа илјадници луѓе во странство. Првично тие беа нарекувани „капшунарии“ (берачи на јагоди), зашто многумина од нив работеа на шпанските оранжерии и полиња со јагоди, или на овошните плантажи. Денес околу три милиони Романци заработуваат за живот претежно или постојано во западноевропските држави - во Шпанија, Италија, а се‘ повеќе и во Германија. Во Романија нив во меѓувреме ги нарекуваат „страниери“, според италијанскиот збор за „странци“.

Но, Романија не ја напуштаат само квалификуваните кадри, туку и социјално послабите. Пред се‘ Ромите се тие што бегат пред бесперспективноста, маргинализацијата и расизмот во татковината. Со години нивна омилена цел на иселување беа Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија и Ирска, а во меѓувреме тие засилено заминуваат во Германија.

Штети од иселувањето

Роксана Продан профитира од навалицата на Романците во странство. 54-годишната бизнисменка од Букурешт преку својата фирма „Манпауер“ посредува во наоѓање работни места за Романците во странство и истовремено враќа гастарбајтери во татковината. И таа стравува за иднината на земјата поради овој актуелен развој:

„За долгорочно да се намали иселувањето, неопходно е подобрување на образовниот систем и зголемување на нивото на платите“. Со тоа ќе се создаде поголем поттик младите луѓе да останат овде“.

За Сорин Д. враќањето во Романија во моментов не е воопшто тема. Тој всушност не може да си претстави да ја напушти Германија. Ако веќе би ја напуштил, тогаш би работел во некоја романска приватна болница, без корупција и со добра медицинска опрема.

„Овде во Германија се работи навистина многу, но пациентите се добро згрижени и кон нив постои добар однос. Мене како лекар тоа ми е важно“, вели очниот лекар.

Портрети на успешни Романци во Германија

Гледај видео 04:43

Валентин Платареану - театарски уметник

Гледај видео 04:04

Анка Гросу - лекар кој се бори против ракот

Гледај видео 04:18

Николас Симион - џез музичар

Гледај видео 04:02

Андреј Лупаш - биолог кој говори пет светски јазици

Гледај видео 04:21

Кантемир Георгиу - дизајнер и бизнисмен

Аудио и видео прилози на оваа тема