1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рокот истече, ДИК и натаму заседава

Државната изборна комисија денеска (29.03) продолжи да ги разгледува преостанатите приговори за првиот круг од локалните избори, иако рокот за решавање истече синоќа во 19 часот.

ДИК на денешното продолжение на седницата ќе одлучува за уште два приговора за гласањето во Струмица, како и за приговорите на НДП за Гостивар, на ДУИ за Шуто Оризари и за приговорите на ДПА за Чаир. За време на ноќешното заседание ДИК прифати еден приговор за Струмица, каде што е можно да има прегласување на едно избирачко место.

Во Кичево нема втор круг

Членовите на ДИК со три гласа „за“, два воздржани и два против ги отфрлија приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за процесот на гласање во Кичево.

Законскиот рок од 48 часа на ДИК заврши синоќа во 19 часот, а членовите на Комисијата ја прекинаа седницата рано изутрината во три часот. ДИК, која започна со разгледување на приговорите завчера и е во постојано заседание, досега разгледа повеќе од половината поднесени забелешки за нерегуларности на изборниот процес од страна на политичките партии. До синоќа до 21 часот, поништено беше гласањето на едно избирачко место во Охрид, а делумно беа прифатени и со можност за прекршочни пријави или дисциплински постапки дваесетина приговори. Овие приговори се однесуваат, генерално, на прекршоци направени од страна на членови на избирачките одбори.

По истекот на рокот политичките партии ќе имаат повторно 48 часа да поднесат тужби до Управниот суд чии одлуки се последни и конечни и по кои ќе се знае дали и каде ќе има прегласување.

Рокот на Управниот суд завршува во понеделник (01.04), а во вторник или среда треба да се изврши печатењето на избирачките ливчиња за вториот круг од изборите што треба да се одржи на 7 април.