1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рокот за поднесување кандидатски листи ќе биде продолжен до 3 март

Владата во Скопје со итна законска измена која треба да биде усвоена во Собранието го продолжи рокот за пријавување на кандидатски листи за локалните избори. СДСМ веќе го оцени како лицемерен ваквиот предлог.

Македонската влада на денешната седница по итна постапка усвои Предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот закон со кој се определува дополнителен рок за поднесување листи за кандидати за советници и за градоначалниcи за локалните избори до 3 март (недела) заклучно со 00:00 часот.

Ова денеска прес-конференција го соопшти Гордана Јанкулоска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Како што појасни овие измени ќе важат само за овие локални избори, со цел да им се оствари барањето на СДСМ, искажано од потпретседателот Зоран Заев, за продолжување на рокот за седум дена.

„Ние цениме дека високо значење и позитивни резултати би имало доколку пратениците на СДСМ денеска дојдат во Собранието и заедно со пратениците од владејачкото мнозинство ги усвојат предложените законски измени со кои се даваат дополнителни седум дена за поднесување кандидатски листи за учество на локалните избори на 24-ти март“, изјави Гордана Јанкулоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Убедени сме дека овој наш потег е длабоко исправен, позитивен и конструктивен чин, базиран на нашата искрена волја за надминување на предизвиците, чин со кој се отвора можност СДСМ да влезе во нормалните политички процеси во РМ на еден легитимен и разумен начин и да овозможи продолжување на интеграциските процеси на државата во евроатлантските структури, истакна Јанкулоска, додавајќи оти со оваа можност сите добиваат, а најмногу Република Македонија.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски веќе закажа за денеска итна седница на на која ќе се разгледуваат измените на Изборниот законик, во делот на рокот за поднесување на кандидатските листи. Седницата треба да почне во 15 часот.

Инаку опозицскиот СДСМ вчера го оцени како лицемерен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на рокот за поднесување листи на кандидати за локалните избори. „Сојузот за иднина, не одлучи да ги бојкотира престојните локални избори затоа што немаше време да состави кандидатски листи, туку оваа наша одлука е одговор на партиско-полициски пуч на власта, заради што беше суспендирана парламентарната демократија и поништен легитимитетот на државните институции“, истакнаа во СДСМ, како одговор на предлогот на владејачката партија.