1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Розовите ветувања не можат да го разбијат македонското сивило

Предизборната кампања во Македонија влегува во финалната фаза. Дали и колку граѓаните веруваат на ветувањата на партиите, имајќи предвид дека во изминатите шест парламентарни циклуси многу од ветувањата не се остварија?

default

Ако им се верува на ветувањата на политичарите, македонските граѓани во следните четири години ќе се вработат, ќе оздрават, ќе станат дел од големото европско семејство, ќе ја крстарат земјата по модерни патишта, ќе земаат повисоки плати, а државата ќе им ги плаќа и каматите на кредитите. На ветувањата на македонските

Nikola Gruevski Mazedonien Wahlkampagne Parlamentswahlen VMRO DPMNE

политичари им нема крај во обидот да дојдат до глас повеќе. За разлика од минатите изборни циклуси, годинава во центарот на вниманието се економските и социјалните програми на партиите. Дури и вечната тема за името ретко наоѓа свое место на митинзите или во предизборните пораки, а меѓуетничките односи се тема само кај помалите етнички партии на Албанците.

Во делот на економијата, двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ водат вистинска лицитација кој повеќе ќе понуди. Па така, наспроти понудата на актуелната власт за зголемување на пензиите за 20 проценти, опозицијата одговара со 3 проценти побогата понуда. Сличен дуел се води и кога се во прашање платите на администрацијата, бенефициите, странските инвестиции...

Wahlkampagne

Но граѓаните, барем оние неколкумина кои ги анкетиравме на скопските улици, се чини одамна сфатиле дека секое чудо е за три дена, па како такви ги третираат и предизборните ветувања.

„Никој ништо не може да направи во оваа ситуација, кога е поделен народот“.

„Јас би верувала она што е реално изводливо да се спроведе по изборите, тоа се некои ветувања кои даваат надеж кај народот, но тоа зависи од структурата на следната влада. Ако се формира со желба да се реализираат круцијалните работи за државата ќе тргнеме напред, ако не, на народот му останува само да верува“.

„Ништо не верувам никому. Затоа што лажат. Со лажење не се води држава“, одговараат граѓаните на прашањето, дали им верувате на предизборните ветувања на политичарите?

Очекувања од новата Влада

Пред новата македонска влада, кој и да ја формира, стојат сериозни предизвици. Од подобрување на лошата економска состојба, намалување на невработеноста, и секако неизбежниот проблем со Грција околу уставното име.

Stichwahlen in Mazedonien

Очекувањата на граѓаните од новата влада не се големи, а кај нив се’ почесто се чувствува и резигнираност поради транзицијата, која се чини нема крај, и неуспехот на државата да им обезбеди колку-толку нормален живот.

„Новата Влада сигурно ќе биде подобра од оваа сегашната, полоша не може да биде.“

„Најважно е да се реши проблемот со името, вработување на младите, и тоа е веројатно најважната, болна точка за државата. Новата влада домаќински да работи. Се надеваме дека ќе биде подобро“.

„Може ќе биде подобро, можеби ќе биде полошо. Јас не очекувам многу. Кој и да биде ќе си ја тера истата работа понатаму“.

Помеѓу реалноста, која ја сместува Македонија на европското дно според сите економски и социјални параметри, и розовата иднина која ја ветуваат политичарите и на седмите по ред повеќепартиски избори во земјата, граѓаните и на 5. јуни повторно ќе мора да го направат својот избор во црно-белиот свет на домашната политика. Малкумина се надеваат дека сивилото кое им ја обои реалноста во изминатите 20-ина години набрзо ќе добие поведри бои.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM