1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Родена е нова ѕвезда на германскиот фудбал?

Тест- натпреварот со Јужноафриканската република, Германија го доби со 2:0. Тој покажа дека во екипата и натаму има слаби точки, но во преден план, на задоволство на сите фудбалски обожувател, го исфрли Месуд Езил.

default

Месут Езил (црвен дрес) во акција против Јужноафриканската република

Саботниот натпревар против Јужноафриканската република беше само тест и сојузниот тренер, Јоаким Лев ја искористи можноста да испроба некои веријанти. Од тоа произлегоа многу сознанија и победа против домаќинот на идниот Мундијал. Целосно новопоставената германска репрезентација во Леверкузен победи со 2:0, но притоа како и во претходните натпревари играше убедливо само на моменти. Германската репрезентација го започна натпреварот со младите играчи на Вердер Бремен Месут Езил и Марко Марин во првите единаесетмина. За Езил тоа беше прв натпревар како стартер во германскиот тим додека Марин го играше седмиот натпревар за европскиот вицешампион. Напаѓачот на Баерн од Минхен, Марио Гомез прв се погрижи за радост кај речиси 30 илјади навивачи на стадионот во Леверкузен. Тој на додавање од капитенот Михаел Балак во 35 минута го постигна 11-от гол во 27-от репрезентативен настап за водство на Германија од 1:0.

Гомез нормално беше задоволен по последниот свиреж на судијата: „Сметам дека видовме еден добар фудбалски натпревар. Двете екипи се трудеа да играат напаѓачки. Сметам дека ние прикажавме далеку подобра игра отколку во последните натпревари. Направивме бројни шанси и постигнавме два гола од две добро одиграни акции“, истакна Гомез.

Бекенбауер: „Момчето знае да игра фудбал“

Deutschland gegen Südafrika in Leverkusen

Во второто полувреме следуваше уште подобра игра на германија, која во преден план го исфрли младиот Месут Езил. Тој не само што брилјираше како организатор на играта туку го постигна и решавачкиот гол на натпреварот на додавање на напаѓачот Мирослав Клозе во 77 минута. „Можеме да бидеме радосни што имаме таков играч“, „Родена е нова ѕвезда во германската репрезентација“, „Езил ни приреди задоволство“ , со овие наслови германскиот печат ја славеше играта на младата фудбалска надеж на Германија.

Ниту сојузниот селектор Јоаким Лев не штедеше комплименти за Езил: „И Месут Езил денеска покажа дека навистина внесува многу креативност во играта. Тој прави изненадувачки потези и едноставно има око за добро поставените соиграчи“, истакна Лев додавајќи дека Езил е играч на иднината.

Nationalmannschaft trainiert Flash-Galerie

Езил ги воодушеви и соиграчите во репрезентацијата. „Тој и играч, каков што Германија немала одамна. Можеме да бидеме радосни што имаме толку добар играч“, изјави Марио Гомез.

Напаѓачот Лукас Подолски пак истакна дека Езил извонредната игра ја крунисал со гол. Дури и неприкосновениот капитен Михаел Балак изрази задоволство што има соиграч на средината на теренот како младиот фудбалер на Бремен.

Како и секогаш во вакви случаи во Германија за збор се јавува легендарниот „Кајзер“. За Франц Бекенбауер независно од натпреварот со Јужноафриканската република Езил е играч со инстинкт секогаш опасен по противничкиот гол. „Момчето знае да игра фудбал“, гласеше заклучокот на највлијателниот глас во германскиот фудбал.

Езил ја одбра Германија наместо Турција

Месуд Езил кој неодамна ја предводеше младата германска репрезентација до титулата европски првак,

Deutschland gegen Südafrika in Leverkusen

ја започна сезоната во топ форма. Тој за Вердер постигна три гола и имаше три асистенции во четири одиграни натпревари во Бундеслигата, а постигна и два гола и три асистенции во Европа лигата. Германските спортски коментатори веќе го слават фактот што Езил, кој по потекло е Турчин, на почетокот на годината одлучи да настапува за Германија.

Но како играчот на денот ја коментираше својата игра, скромно како и секогаш: „Во секој случај сакав да дадам гас. Сметам дека денеска се’ ми појде од рака. Задоволен сум од својот настап. Сметам дека како екипа игравме многу добро и заслужено победивме. Се радувам се разбира дека одиграв добро, но како екипа многу добро реагиравме. Сега сакаме да се концентираме на Азербејџан и да победиме.“

Се очекува Месут Езил да биде меѓу првите единаесетмина на квалификацискиот натпревар против Азербејџан во среда, кој треба да биде уште еден чекор напред кон обезбедувањето пласман на Мундијалот наредната година.

Автор: Кале Копс/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска