1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Рингов: Имаме таленти, но немаме лига ни репрезентација

Актуелната состојба во македонскиот фудбал за Дојче Веле ја коментира Васил Рингов, едно од најславните македонски фудбалски имиња. Тој смета дека владее апатија која се одразува врз лигата, гледачите и репрезентацијата.

default

Васил Рингов

Фудбалската пролет настапи и во Македонија, впрочем како што е во цела Европа по вообичаената зимска пауза. Продолжија мечевите од првата лига, но според првите пролетни тактови македонскиот фудбал не носи по видлив процут, ниту квалитативно ниту амбиентално. Натпреварувачки прашањата се дали водечката Шкендија со сегашните четири бода предност ќе издржи во трката за титулата или дали некогашните перјаници Вардар и Пелистер ќе излезат од живиот песок во кој се заглавени до гуша.

Vasil Ringov ehemaliger Nationalspieler Fußball Mazedonien

Васил Рингов

Малку фали да бидеме посилни

Актуелниот фудбалски момент за Дојче веле го коментира Васил Рингов, едно од најславните македонски фудбалски имиња. Во однос на лигата вели:

„ Публика повторно немаме, таа ни е лигата, а штета е што имаме многу талентирани фудбалери и малку фали да бидеме посилни отколку што сме.“

Рингов смета дека за поздравување се екипите како Шкендија, Ренова, Турново, Металург кои се сега во прв план. Но, и без традиционалните центри Македонија не може фудбалски да напредува.

„Без Пелистер, Вардар, Брегалница Штип кои традиционално се фудбалски центри тешко ќе опстоиме. Гледаме дека последен е Пелистер, а Вардар се бори за опстанок. Убаво е да изникне некоја екипа од малите фубалски центри, меѓутоа за подолг рок не е добро.“

Spieler vom Fußballklub Skendia, die sich auf den Herbsttitel 2010 freuen

Играчите не есенскиот првак Шкендија

Што со Вардар?

Васил Рингов беше капитен и предводник на шампионската генерација на Вардар од осумдесетите години. Емотивно го доживува тонењето на клубот. Го поздравува врачањето на поранешниот спонзор, но смета дека се додека фудбалските клубови не се престројат како акционерски друштва по значаен исчекор ќе нема. Тоа е една од причините што присуството на поранешните вардарови асови е занемарливо.

„ Се врати добар спонзор, меѓутоа основното нешто го нема цел фудбал, не само Вардар. Уште сме здружение на граѓани, а тој проблем може да го реши само Владата. Сите пројдовме низ Вардар, меѓутоа направен е лош терен. Нема организација, не се знаат права и обврски. Сите го сакаме Вардар, едвај чекаме да се среди Вардар и секој би си го нашол своето место во Вардар, меѓутоа во ваква ситуација сите сме изгорени на некој начин.“

Fußball EM 2010 Qualifikationsspiele Mazedonien Slowakei Flash-Galerie

Немила сцена од мечот Словачка- Македонија

„Тонеме и на репрезентативен план“

Кон крајот на март на сцена ќе е одново и македонската репрезентација со натпревар во Даблин против Р.Ирска во квалификациите за европското првенство. Васил Рингов екс југословенски репрезентативец вели дека сликата на националниот тим е одраз на фудбалските состојби во земјата.

„ Поврзани се работите, ако немаш лига, автоматски немаш ни добра репрезентација. Владее мислење кај некои спортски кругови кај нас дека фудбалската федерација треба да се грижи само за репрезентација што не е точно. Затоа тонеме и на репрезентативен план, немаме воспоставено темели, не се знае ни селектор што и како треба да работи. Тоа се должи на една голема апатија. Реорганизација мора да има, а треба да започне од фудбалската федерација, до последниот клуб што постои.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Симе Недевски