1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Рим: Забранет сообраќајот во близина на Колосеумот

Заради заштита на светски познатиот Колосеум, градот Рим забрани сообраќај во неговата близина. Забраната важи за приватните автомобили, а јавниот сообраќај останува непроменет.

Властите на италијанската престолнина Рим денеска (03.08) затворија за сообраќај за приватни возила дел од главната авенија Италиа Фори Империали во непосредна близина на Колосеумот. Одлуката ја донел новиот римски градоначалник Игнацио Марини, во обидите да го заштити од уништување древниот амфитеатар, чии ѕидови се поцрнети од издувните гасови од автомобилите и воопшто од загаденоста на воздухот во главниот град на Италија.

Во соопштението на римските власти се наведува дека јавниот сообраќај останува непроменет. Претходно беа објавени планови за реставрација на Колосеумот кој е една од најпосетените знаменитости на Рим. Работите ќе траат до 2015 година и ќе се одвиваат во неколку фази. Во првата фаза ќе се обновуваат северните и јужните ѕидови на амфитеатарот. Во втората етапа на плоштадот пред Колосеум ќе биде подигнат сервисен центар за туристите. Последната трета етапа од проектот за реставрација се‘ уште е во фаза на подготовка.

Римскиот Колосеум е изграден од 72 до 80 година во времето на императорот Веспазијан Флавиус. Првично амфитеатарот бил користен за забавни манифестации вклучително и познатите гладијаторски борби. Секоја година оваа знаменитост ја посетуваат околу шест милиони туристи.