1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рилкоски: Прочистен избирачки список – главен приоритет

Собранието на Република Македонија го прифати предлогот на опоцизиската СДСМ и за нов претседател на Државната изборна комисија е избран Никола Рилкоски правник од Охрид.

По неодамнешната оствка на Борис Кондарко од функцијата претседател на ДИК на неколку месеци до претседателските избори во Македонија столчето остана празно. СДСМ по внатрепартиската потрага обелодени дека нејзин кандидат за оваа функција е дипломираниот правник Никола Рилкоски. Претседателот на ДИК Никола Рилкоски е роден во 1951 година во Охрид. Од 2006 до 2008 бил и пратеник од редовите на СДСМ, а претходно и прв човек на огранокот на партијата во Охрид.

Од ДИК се очекува целосно прочистување на избирачкиот список. Тоа е барање на опозицијата, но и на меѓународната јавност.

„Најпрво ќе треба да ја согледам целата ситуација со која досега се занимаваше ДИК . Точно е дека сме на прагот на претседателските избори кои се извесни, а парламентарните се можни, но не значи и дека ќе се одржат. За нив треба сепак да одлучи владејачкото мнозинство. Како и да е она што значи најголема болка во државата е прочистување на избирачкиот список. Од старт моја интенција и лична и професионална ќе биде тој список што побрзо и по можност најквалитетно да може да се расчисти. Тоа е во интерес на сите политички субјекти и на државата која пред меѓународната заедница треба да излезе со фер и демократски избори кои ќе значат пофалба за Македонија. Тоа ќе биде плус повеќе во нашите тежнеења на патот кон ЕУ и НАТО“ .

Претседателските и евентуалните парламентарни избори се во 2014 година. ОБСЕ и ОДИХР бараат исполнување на нивните препораки. Ќе може ли ДИК да ги стигне роковите?

„Составот на Комисијата ми е познат . Дел од нив лично ги знам, а за другите се информирав. Ќе смогнеме сили да одговориме на тоа што од нас го бараат законите и Уставот на РМ. Наше ќе е да создадеме предуслови за фер и демократски избори без поголеми пропусти преку кои ќе ја покажеме зрелоста на државата. ДИК и досега немаше пропусти во делот на роковите. Овој состав со мене на чело нема да прави компромис во тој поглед.

Во 2 години Вие сте трет претседател на ДИК. Пред вас Александар Новакоски и Борис Кондарко исто од СДСМ. Тие се откажаа вие се нафативте?!

Работите кои ме чекаат во ДИК во практиката сум ги имал и како правник уште повеќе низ изборните кампањи како шеф и член на изборни штабови и слично. Во мигов не можам да речам дека можам да знам повеќе од Новаковски и Кондарко бидејќи тие директно работеа во ДИК, а мене ми недостигаат анализи и увид во работата на ДИК. Откако стана актуелно „ да се биде или не“ претседател на ДИК се сретнав со обајцата, ја разгледав целата законска материја. Не очекувам опструкции од членовите на ДИК бидејќи никој не може да биде над законот, ниту над Уставот. Свесен сум дека во некои ситуации ќе се бараат и компромисни решенија во интерс на Македонија.

Јавноста прашува : Ќе успее ли Рилкоски да се надрасне над политиката?

„Се нафатив и карактерот не ми дозволува поинаку, освен да работам во интерес на изборите, државата, а тоа значи и на граѓаните во РМ. Со моите од партијата тој дел го расчистивме и ја имам поддршка од нив токму на овој начин, како претседател да ја водам ДИК. За мене и за семејството изборот на оваа функција е голема сатисфакција и мислам дека со оваа функција мојата политичка кариера ќе ја завршам на високо рамниште. Драго ми е што партијата на овој начин докажува дека го следела и го цени мојот и ангажманот на целото мое семејство сиве години наназад.

Како дојде до вашиот избор во СДСМ. Се слушнаа различни шпекулации?

Медиумите и новинарите си имаат свои информации. Дел од нив се поблиски, а дел подалечни од вистината, а некои написи се дури и тенденциозни, позитивни или негативни, ама адресирани до мене. Мојата кандидатура следеше по еден разговор со претседателот на СДСМ Зоран Заев и ми беше понудено да бидам претседател на ДИК. Претходно кои биле кандидати, со кого било разговарано, кој сакал или одбил не знам, ниту барав да ми биде кажано. Со мојот избор тоа прашање е затворено.