1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рикер официјално ја почна работата во Скопје

Филип Рикер ја презема функцијата американски амбасадор во Македонија. Во Скопје денес се одржа и координативна средба меѓу претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски.

default

Новиот американски амбасадор Филип Рикер со министерот за надворешни работи Антонио Милошоски

Воопшто не е случајна брзината со која новиот амбасадор на САД во Скопје, Филип Рикер ги предаде акредитивните писма, четири дена по неговото пристигнување во Македонија. Стејт Департментот не сака да остане без прв дипломат, неколку денови пред можниот расплет или можните нови компликации во процесот за решавање на спорот околу името меѓу Македонија и Грција. Рикер е петиот амбасадор на САД во независна Македонија и по официјалната средба со македонскиот претседател Бранко Црвенковски и пред разговорите со премиерот Никола Груевски, на чист македонски јазик се заблагодари за, како што рече, топлото добредојде во земјата.

Рикер потоа го потенцираше значењето на новата зграда на амбасадата на САД, која наредната година треба да биде отворена во Скопје. „Новата американска амбасада во Скопје ја симболизира важноста што САД им ја дава на односите со Македонија“- истакна Рикер дополнувајќи дека Македонија и САД пред себе имааат добра иднина.

„Ќе продолжиме со силните врски со Македонија во многу области - во безбедноста, културата, образованието, науката, во економијата“- истакна Рикер.

Средба меѓу претседателот Црвенковски и премиерот Груевски

Веднаш откако амбасадорот Рикер го напушти кабинетот на претседателот Црвенковски, таму започнаа консултациите меѓу шефот на државата и премиерот Грувски. Црвенковски треба да го информира премиерот за содржината на неговиот разговор во четири очи со медијаторот Метју Нимиц во Њујорк, на кој не присуствуваше министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој исто така беше во Њујорк.

Грчките медиуми, денеска објавуваат дека медијаторот Нимиц ги подготвува како предлози имињата Горна или Северна Македонија.

Црвенковски и Груевски одбегнаа да дадат изјaви пред средбата, но и по неа. На ваквата конспиративност и невклучување на јавноста во процесот, реагираше неодамна универзитетскиот професор Биљана Ванковска. Таа го критикуваше фактот дека преговорите за името се водат под плаштот на тајноста истакнувајќи дека граѓаните кои не ги знаат финесите, дипломатските клаузули и јазички изрази во англискиот не се во состојба да дадат каква било прогноза или идеја за тоа кое име е добро, а кое не.