1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ризично превземање на Нокиа од Микрософт

Со купувањето на Нокиа, Микрософт признава дека полека стана незначаен на пазарот на мобилни уреди. Ваквиот чекор може да биде или најголемо враќање на сцената во последните неколку години или огромен неуспех.

До пред неколку години Нокиа беше симбол за квалитет, денес меѓутоа, нејзините телефони се сметаат за второкласни. Сега нивниот партнер Микрософт, за нешто помалку од пет и пол милјарди евра, го превзеде одделот за производство на мобилни телефони на финската фабрика. Микрософт со овој чекор се реши да оди по патот на кој веќе оддамна е Ејпл, или поточно да произведува и софтвер и хардвер за мобилни телефони.

Мителдојче цајтунг: Во една многу тажна трансакција за двете страни, Микрософт ја купи Нокиа. За Финците тоа претставува капитулација, со ова тие се збогуваат од бизнисот кој ги направи светски препознатлив бренд. Од друга страна за Микрософт ова е очајнички потег со кој се обидува повторно да дојде во допир со потрошувачите од светот на информатичките технологии. Микрософт и Нокиа заостанаа затоа што одбија да ги прифатат радикалните промени на пазарот, а на тоа треба да се додаде и нивната ароганција и незнаење.

Вестдојче алгемајне цајтунг: Купувањето на Нокиа, за Микрософт не преставува ништо друго освен признание дека компанијата стана безначајна на пазарот на мобилни телефони. Овој потег може да биде едно од најголемите враќања на сцената во последните неколку децении, или огромен неуспех. Тоа што софтверскиот гигант Микрософт и одделот за производство на мобилни телефони се поврзуваат може да се гледа и како обид да се достигне „златниот стандард“ кој го поставија Гугл и Ејпл. Во овие компании софтверските и хардверските експерти работат заедно. Најважен е имиџот. За жал во последниве десетина години, Микрософт или погрешно ги процени, или ги преспија или пак лошо ги копираше сите новини. Сега Микрософт се наоѓа во тешкиот дел од трката, можно е на целната линија да дознаат дека муштериите оддамна отишле кај некој друг.

Ноје оснабрикер цајтунг: Нокиа многу доцна научи дека доколку не знаеш како ќе изгледа дигаталниот свет за три години тогаш ти претстои пропаст. Кога беше на врвот на индустријата за мобилни телефони, финската индустрија успеа да го преспие походот на паметните телефони и на таблетите. Решението на проблемот Нокиа го најде со продажба на одделот за производство на телефони на Микрософт. Но темпото на промени е толку брзо што дури и американскиот гигант може да западне во сериозни проблеми доколку не развие добра стратегија за освојување на пазарот за мобилен пристап на интернет. Микрософт мора да се обиде да ги стаса Ејп и Самсунг. Патентите и продажната мрежа на Нокиа му даваат одлична основа на Микрософт, но ништо повеќе од тоа. Оние кои можат да имаат најмногу добивка од оваа борба на гигантите, се секако потрошувачите. Тие можат да очекуваат подобри цени, подобра дигитална забава и подобра услуга.

Бадише нојсте нахрихтен: Микрософт и Нокиа се два диносауруси во својата бранша, кои се надеваат дека повторно ќе земат замав. Двете компании мораат да развијат добитна стратегија затоа што пазарот еволуира пребрзо.

Стутгарте цајтунг: Епл може да биде пример само до одредена мера. Славата на калифорниската компанија почна полека да бледнее, откако тие почнаа да го одолговлекуваат презентирање на новите производи и почнаа се повеќе да отстапуваат простор на нивниот корејски конкурент Самсунг. Баш сега кога се чини дека најдобрите денови на Епл се веќе поминати, Микрософт игра на истата карта. Микрософт превзема 32.000 работници и огромен број фабрики од Нокиа, притоа навлекувајќи огромен ризик на себе.

Микрософт и без оваа превземање, можеше да го понуди својот оперативен систем само на Нокиа. Без партнер и најдобриот оперативен систем е бескорисен.

Меркише одерцајтунг: Епл направи вистински бум на пазарот со тоа што произведе паметни телефони кои се без тастатура и лесно се користат. Самсунг брзо се адаптираше и многу успешно ја превзеде оваа генијална идеја. Финците сакаат да се спротистават на тоа со интелектуалната и финасиска подршка на Микрософт. Микрософт од друга страна имаше мал успех со мп3 плеери и таблети, кои лошо поминаа кај потрошувачите. Нивните варијанти за мобилни телефони не ги сака речиси никој, а и продажбата на персонални компјутери опаѓа што лошо се одразува на гигантот. Компанијата мора да дејствува брзо и да го промени тоа, сепак останува да виси прашањето дали компанијата е способна да произведе успешен уред. Ако не успее во тоа, тогаш милјарди ќе отидат во вода, и уште еден традиционален бренд ќе исчезне.