1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ризик од нова рецесија во Европа

Во втората годинешна економска прогноза за 27 земји-членки на ЕУ, Еврокомисијата предупредува од силно забавување на економиите во еврозоната во 2012-та. Најзагрижувачка е ситуацијата во Грција, Италија и Португалија.

default

Економскиот раст во земјите од еврозоната во 2012 година ќе изнесува само 0,5 проценти, соопшти денеска (10.11) Европската комисија. Ова е драматичен пад во однос на последната прогноза во мај годинава, кога предвидениот раст на економиите во еврозоната изнесуваше 1,8 проценти.

Прогнозите на Еврокомисијата одат во насока на веројатно враќање на рецесијата:

„Економскиот раст во Европа е забавен и постои ризик од нова рецесија“, изјави еврокомесарот за економски и монетарни прашања, Оли Рен.

Грција во длабока рецесија

eonomic crisis

Европската Комисија притоа се откажа од сите надежи дека Грција наредната година ќе излезе од рецесија. Прогнозите објавени денеска велат дека и новата преодна влада на земјата ја очекуваат нови 12 месеци рецесија.

Додека Грција се стреми да ги оствари политичките услови поставени од ЕУ и од ММФ за добивање на вториот пакет финансиска помош, Европската комисија соопшти дека нејзината претходна прогноза за економски раст во Грција од 1,1 процент во наредната година е целосно преобратена во пад на остварувањата на грчкото стопанство од 2,8 проценти. Годинава рецесијата, пак, ќе биде брутална и падот на економијата ќе изнесува 5,5 проценти, велат во Еврокомисијата.

Предупредувања и до други земји

Неповолни се прогнозите и за Италија, која по Грција е најзагрозена од должничката криза. ЕК денеска соопшти дека италијанската економија во 2012 година буквално ќе стагнира, со минимален раст од 0,1 насто.

Новите јавни задолжувања на Италија во наредната година ќе достигнат 2,3 проценти, што е под дозволената граница од 3 проценти воспоставена со Пактот за стабилност на еврозоната, но далеку над целта на владата во Рим, која изнесува 1,6 проценти.

Европската комисија прогнозира дека во наредната година и Португалија би можела да се соочи со рецесија, а еврокомесарот Оли Рен ги предупреди уште и Белгија, Кипар, Унгарија, Малта и Полска дека не прават доволно за намалување на државниот дефицит.

Автор:СН/ЕМФ/ап/ртр/афп

Редактор: Е. М. Фиданоска