1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ригорозна казнена политика за испади во спортот

Спортските работници во Македонија го поздравуваат предлогот на владата за заострување на казнените мерки за инцидентите во спортот. Според нив тоа ќе придонесе за воспоставување на неопходниот амбиент во спортот.

Инцидентни ситуации на терените, хулигантство и вандализам на трибините, распирување на националистички страсти, лажирање на натпревари. Тоа е  амбиентот што го следи светскиот спорт, а не го одминува ниту  спортот во Македонија. Деновиве, насилството во спортот беше на дневен ред на Владата на Македонија.

Taa излезе со предлог за измени и дополнување на кривичниот закон и за заострување на казнената политика во однос на прекршителите. Злоупотребите во спортот да бидат санкционирани и со затворски казни. Казните за лажирање на натпревар би се движеле  од една до десет години. За навреди и за загрозување на сигурноста на лицата пред и за време на натпревар се предвидува казна од 6 месеци до 5 години. За предизвикување на тешки телесни повреди од 3 до 10 години... Оваа иницијатива, за Дојче веле ја коментира Васил Тупурковски, доктор на правни науки и актуелен претседател на Македонскиот олимписки комитет:

Professor Vasil Tupurkovski

Васил Тупурковски

„За поздравување е ваков закон, кој значи заострување на прописите. Глобално, воопшто не е под знак на прашање дека постои проблем со обложувањето и со инцидентите на стадионите. Македонија треба да учествува во градењето на сопствената спортска култура, истовремено бранејќи ги младите од ситуации, кои се создаваат низ обложувањата и од ситуациите на спортските терени, кои  ја загрозуваат нивната безбедност. Пример треба да ни биде Англија, која до пред 20 години имаше многу насилничко однесување, а сега таму веќе не постојат огради на стадионите, Сето тоа е резултат на заострената казнена политика.“

Блага казнена политика, без ефект

Лазар Нанев, исто така доктор на правните науки и фудбалски работник, во подолг период работи на подобрување на состојбите во спортот :

„Ова требаше да се случи уште многу од поодамна. Вклучени во работата на Фудбалската федерација на Македонија и на Агенцијата за млади и спорт, подготвивме анализа на она што треба да се направи. Ги искористивме позитивните искуства од Запад, пред се од Англија и од Италија и дојдовме до заклучок дека е неминовно да се промени законската регулатива.Ние имавме законска регулатива  за спречување на насилствата во спортот, но таа беше од прекршочна природа. Благата казнена политика не носеше ефекти и не овозможуваше репресивно да се делува.“

Дали  ваквите законски мерки,  засилената казнена политика ќе придонесе за воспоставување на неопходниот амбиент во спортот?

„Во многу земји , не само состојбите во спортот туку и во другите сфери се променети на подобро, откако се применети сериозни санкции. Според тоа,потребна е  казна и удирање по џебот. Тоа во македонски услови е многу деликатно. Слушам постојано дека во прашање е социјалниот момент, дека паричните казни се премногу високи, но ако се смета дека  нешто  не е дозволено, не треба да се прави. Во таа смисла мислам дека овие законски мерки ќе имаат придонес.“, е оценката на Тупурковски.

И Лазар Нанев смета дека поригорозната казнена политика ќе има ефект:

„Штом законодавецот ќе предвиди затворски казни до 5 години, а за потешките сторени дела и до 10 години, сигурно е дека тоа ќе влијае на намалувањето на инцидентите. Потребно е да се охрабрат и сите институции, кои што се вклучени во системот за спречување на насилството на спортските терени, пред се мислам на Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство, кои што  брзо  ќе  ги детектираат ваквите случаи и процесуираат до надлежниот суд.Мислам дека е добро  да се формираат и специјализирани оддели, кои би служеле за брзо обезбедување на соодветните докази и за поефикасно завршување на судската постапка.“

Handball WM Mazedonien vs Iceland 15.01.2013

Придонес за вистински амбиент во спортот

Правната држава мора да функционира

Во изминатите години македонскиот спорт го следеа фрустрирачки моменти на лажирање на резултати на натпревари од меѓународен карактер, на физички напади врз официјални лица, на дивеење на трибините, на распирување на националистички страсти. Најголемиот дел од нив останаа без соодветен судски епилог. Според Тупурковски, не смее релаксирачки да се третираат појавите во спортот:

„Правната држава во случајов мора да функционира без исклучок. Без некакви релаксирања дека  на спортот може да се гледа  на поинаков начин. Проблемот е правен, проблемот е на санкции, проблемот има правна димензија . Така треба да се третираат прекршоците , кривичните дела и одговорноста. Само на тој начин ќе постигнеме напредок.“- заклучува Тупурковски.

Ваквата,  поригорозна казнена политика во однос на кршењето на пропишаните нормите на  спортскиот натпревар,велат соговорниците на Дојче веле, наметнува обврска и за многу поактивно и поефикасно превентивно делување и на спортските асоцијации. Укажувајќи им на младите за последиците од насилничкиот чин.