1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Рига - оаза за ергенски забави и измами

Главниот град на Летонија стана балтичка престолнина на добрата забава и ноќниот живот. Со големиот број туристи се зголемија и измамите во локалните кафулиња и клубови. Властите се обидуваат да се справат со проблемот.

Оваа година е многу успешна за летонскиот туризам. Повеќе од половина милион луѓе ја посетија земјата од почетокот на 2013. година. Туристи доаѓаат главно од Русија, Германија и соседна Естонија, но главниот град на Летонија е докажано најпопуларен кај британските мажи. Според пишувањето на британскиот весник „Дејли Мејл“, Рига се претворила во омилена дестинација за ергенска забава. Меѓутоа, овие туристи често добиваат и повеќе отколку што очекуваат.

Петок навечер во Рига

Стариот град во Рига е преплавен со туристи кои добро се забавуваат.

Многумина од нив забавата ќе ја продолжат до раните утрински часови, кога баровите и клубовите конечно ги затвораат своите врати. Еден од туристите објаснува како дошол тука: „Ние сме тука затоа што еден од пријателите се жени, така што дојдовме поради неговата ергенска забава.“

Ли Џонсон има 37 години и доаѓа од Лондон. Тој со своите пријатели седи во мал бар притиснат меѓу два клуба. „Ние всушност само кружиме околу и влегуваме во локали на кои ќе наидеме. Немаме никакви посебни планови, туку што ќе најдеме - најдеме, каде одиме - таму сме.“

Додека Џонсон си налева пиво, му приоѓа темнокоса дотерана жена во тресеттите години. Тие почнуваат да разговараат за најдобрите места за излегување во Рига. Жената која се вика Дијана делува пријателски и предлага неколку различни клубови. Таа вели дека во некои клубови влезот чини 10 лата (14 евра), но слушнала дека на некои туристи им наплатуваат и по 20 лата (28 евра). Џонсон е непријатно изненаден. Тоа е, вели, прескапо.

Поткрадување туристи

Иако барот делува сигурно, всушност не е. Американската амбасада го ставила на листата на 11 барови, клубови и други локали во Рига кои се познати по тоа што ги поткрадуваат туристите, особено оние кои доаѓаат ергенските вечери да ги слават токму тука. Амбасадата предупредува дека овие локали се познати по малверзации со кредитни картички, изнуди, проституција и насилни мафијаши. А младите и привлечни девојки како Дијана се суштинскиот дел на овие измами.

Една од девојките, Лиене, вели дека нивна работа е да ги привлечат туристите да влезат во барот. „Описот на работа се состои во тоа да стоиш надвор на улица, во близина на барот или каде било во Стариот град. Едноставно треба да ги поттикнеш туристите да влезат во барот.“

Лиене Халина е дваесетгодишна студентка по новинарство во Рига. Како дел од проектот на еден од предметите на факултет, таа се пријавила на неколку огласи за работа за келнерка во ноќни клубови. Потоа, на еден од разговорите за работа, и е кажано дека работата е всушност да пие пијалоци со машките посетители на клубот. „Им реков дека не можам да испијам многу алкохол“, раскажува Лиене, „за да ми кажат дека нема потреба навистина да пијам и дека морам само да се преправам. Многу незабележително да го истурам пијалокот или да го дотурам во чашата на гостинот додека тој не гледа. Главна задача е него да наведам да купи што повеќе пијалоци.“

Туристичка полиција

Претходните години имаше многу случаи во кои туристите биле принудени да платат стотици, па дури и илјадници евра за пијалоци во барови и во клубови. Во полиција се пријавени и случаи на ставање дрога во пијалок. Како последица на овие пријави, пред 4 години е основана посебна локална полиција чијашто главна задача е спречување странците да станат жртви на измама. „Праксата баровите кои ги користат девојките како мамец за клиенти не е дело кое може да биде казнето само по себе“, вели Андрејс Ароновс, шеф на Оделението за туристичка полиција, „но тука има и нешто друго. Она што предизвикува загриженост е дека овие жени добиваат процент од секој продаден пијалок и тоа е проблем кој би требало да биде контролиран“, објаснува Ароновс.

Тоа значи дека многу туристи кои доаѓаат да ја прослават ергенската забава исто така треба да бидат контролирани. Многу од нив влегуваат во конфликт со властите затоа што се прегласни и провоцираат кога се пијани. Тоа вознемирува многу жители на Рига, а една од нив е и мајката на две деца, Јелена Корнолука (43). Таа вели дека Рига станала популарно место за странци кои сакаат да се забавуваат. „Тоа не е добро, затоа што на некој начин ја нарушува сликата за нас. Никој нема да отиде во Париз за да прослави ергенска забава, затоа што е скапо и затоа што таму не е дозволено вакво слободно однесување. Со Рига тоа не е случај и поради тоа велам дека тоа не е добро.“

Благодарејќи на забраните на локалните власти, во клубовите и во баровите стана потешко да се мамат туристите и да се изнудат пари - цените на пијалоците сега мораат јасно да бидат истакнати на ценовници. Меѓутоа, Ароновс признава дека е невозможно да се спречи сомнителните локали да работат. Поради тоа неговите полицајци исто така ги предупредуваат туристите за опасностите на ноќниот живот во Рига.

Поврзана содржина