1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

“Рибата смрди од главата“

Денеска се објавени резултатите на едно од најголемите истражувања направени по прашањето за степен на корупцијата

default

Корупцијата во Македонија расте. Борбата против неја е неефикасна. Ваква е генералната оценка на едно од најдлабоките секцирања на корупцијата во Македонија досега. Истражувањето го направи Институтот за социолошко-правни и политички истражувања . Корупцијата е сконцентрирана во највисоките кругови на власта, сметаат најголем број од испитаниците, објаснува Климе Бабунски од институтот:

“Мошне интересни податоци, кои всушност се вклопуваат во онаа народната - дека рибата смрди од главата“, вели Бабунски.

Граѓаните немаат доверба во декларираната борба на власта против корупцијата, а за најкорумпирани ги сметаат царината, судството, министерствата, здравството и полицијата. Што ја генерира корупцијата во толкав обем? Лошата економска состојба, ниските плати, човековата природа и менталитетот. Не влеваат оптимизам ниту очекувањата на анкетираните граѓани дека корупцијата ќе се намали во иднина. Претседателот на државната анти-корупциска комисија, Михајло Маневски, кажа:

“Над две третини од граѓаните на Република Македонија, од оние што се испитани, оценуваат дека корупцијата во земјата може само малку да се намали, а само секој четврти испитаник покажал оптимистички став во борбата против корупцијата, по 2006 година.“

ЕУ повикува на засилена битка против корупцијата. Европретставникот во Скопје, Ерван Фуере, деновиве кажа дека Брисел сака да види поригидни закони што ќе ја санкционираат можната злоупотреба на државните функционери, а не ќе ја амнестираат. Овој став го предизвика предлогот на ВМРО Народна партија, на екс премиерот Љубчо Георгиевски, злоупотребата на службена должност да не се смета за кривично дело. Владеачкото мнозинство еднаш ја поддржа ваквата иницијатива, што требаше да ги ослободи од обвинение луѓето со кои владееше Георгиевски - Даравелски, Михајловски, Арнаудов, но и актуелната политичка гарнитура, последната смена на власта. Претседателот, Бранко Црвенковски, не даде виза за овој закон, па парламентот деновиве ќе расправа повторно. За премиерот, Владо Бучковски, законот на ВМРО Народна партија не е пречка во битката со корупцијата:

“Друго е дали е ова најсреќното решение. Оние кои ја водат кампањата против него мислам дека злоупотребуваат и ЕУ и борба против корупција, а јас ви тврдам дека многу поуспешна борба против корупцијата имаме со донесување на законот за заштитени сведоци и ќе имаме уште поголема и поуспешна борба ако го донесеме законот за следење на електронските комуникации, односно законот за прислушување“, рече Бучковски.