1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Рејтинг агенциите и‘ се закануваат на Франција

На целата мака со презадолженоста на Грција спроти самитот на ЕУ посветен на должничката криза, рејтинг агенциите се закануваат со намалување на кредитниот рејтинг на Франција.

default

Главната парола во Париз гласи: да се зачува студена глава. Тоа беа зборовите на францускиот министер за финансии Франсоа Бароан вчера по најавата на агенцијата „Мудис“ дека се сомнева во можноста Франција да ја задржи најдобрата оцена ААА. Доколку рејтинг агенциите и’ ја одземат на Франција најдобрата оценка, тоа ќе има далекусежни последици како по француската внатрешна политика, така и по целата евро-зона. На Франција имено идната година и’ претстојат претседателски избори, на кои претставникот на опозицијата според анектите и сега има поголеми шанси за победа. Доколку Франција ја загуби најдобрата оценка на финансиските пазари, тогаш претседателот Никола Саркози дефинитивно може да се збогува од Елисејската палата, оценуваат познавачите на француската политика.

Nicolas Sarkozy

Главоболки за Никола Саркози

Апсолутен приоритет

Затоа одбраната на најдобрата оценка кај рејтинг агенциите претставува апсолутен приоритет на француската влада, смета Клер Демесмај, раководителка на секторот за германско-француски односи при Германското друштво за надворешна политика со седиште во Берлин. Таа нагласува дека во интерес е и на Германија Франција да ја зачува најдобрата оценка, бидејќи доколку официјален Париз мора да бара кредити на берзите по влошени услови, тоа може да ја потресе и целата конструкција на европскиот фонд за спас на задолжените земји. Поради тоа таа очекува дека Германија на претстојниот самит на ЕУ на 23 октомври, кој се смета за пресуден што се однесува до должничката криза, ќе заземе помек став кон проблемите на Франција и особено нејзините банки кои имаат голем број грчки државни обврзници. Евентуалното преструктуирање на грчкиот долг би можело поради тоа да биде помало, отколку што Германија го смета за неопходно.

Grünlicht für das Euro-Rettungsfonds

Имено, ако треба да се отпишат повеќе грчки долгови, тоа ќе ги оптовари билансите на француските банки, а официјален Париз не смее да си дозволи да интервенира и да ги спасува поради веќе ионака големиот државен долг и заканата на рејтинг агенциите со намалување на оценката за кредитната способност. Заканата на Мудис со намалување на кредитниот рејтинг на Франција имено токму се темели на тоа сценарио, дека веќе преоптоварениот буџет нема да го поднесе товарот на новиот обид за спас на домашните банки, како и на влошените изгледи за пораст на француското стопанство за наредната година.

Стравувања во Германија

Дел од експертите нагласуваат дека Германија не може да ја спасува сама еврозоната доколку Франција ја загуби најдобрата оценка. Во спротивно, доколку германскиот буџет дополнително се оптовари со спасување на се’ поголем број презадолжени земји, во еден момент и најдобрата оценка на Германија кај рејтинг агенциите може да биде доведена во прашање.

Автор: ГЧ/ЖА/афп/дпа

Редактор: Жана Ацеска