1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Решение на Буш за промена на курсот во Ирак уште до крајот на годинава?

Реакции на извештајот на Бејкеровата комисија: Германија подготвена да помогне во воспоставување контакти со Иран и Сирија. Умерени ирачки реакции

Буш со копретседателите на Комисијата Хемилтон и Бејкер

Буш со копретседателите на Комисијата Хемилтон и Бејкер

Американскиот претседател Џорџ Буш прво сака да ги спореди препораките на Бејкеровата комисија со две други студии за политиката спрема Ирак, направени по негов налог, па потоа ќе донесе решение околу евентуалната промена на курсот. Неговиот портпарол Тони Сноу искажа надеж дека наскоро се’ ќе може да му биде поднесено на претседателот, така што тој, како што рече, “можеби на крајот од годинава ќе може да објави нов пат напред”.

Германија, спомната во препораките на Бејкеровата комисија како можен член на една меѓународна група за подршка, навести подготвеност да им помогне на САД да воспостават контакт со Сирија и Иран. Таков дијалог е безусловно неопходен, ги цитира денеска весникот “Берлинер цајтунг” зборовите на координаторот за германско-американските односи Карстен Фогт. Германците и Европејците можат овде да помогнат и посредуваат, но не можат да заменат директен разговор на САД со Иран и Сирија, вели Фогт. Во Вашингтон, инаку, денеска патува министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.

Шефот на фракцијата на социјалдемократите во Бундестагот Петер Штрук оцени: “САД и’ подлегнаа на големата грешка во процената: сакаа да бидат ослободители, но на нив се гледа како на окупатори. Тешко ќе излезат од таа дилема”. За ставовите од извештајот на Бејкеровата комисија претставникот за надворешна политичка на германските либерали Волфганг Герхард за денешното издание на “Билд” вели: “Идниот американски министер за одбрана Гејтс и Бејкеровата комисија покажуваат свест за реалноста. А тоа, како што е познато, согледувањето е првиот чекор кон подобрување”. Експертот за надворешна политика на ЦСУ Едуард Линтнер укажува дека бил неопходен обидот на САД да се погрижат за ред и стабилност во регионот, но не се обистини нивното размислување дека по окупацијата автоматски следува демократија. “Поради тоа, тие сега мора го променат мислењето” вели тој.

Првите ирачки реакции на извештајот на Бејкеровата комисија се умерени. За ирачкиот амбасадор во САД Самир ал Сумајдае, има мноштво идеи, но нема лесно решение. “Извештајот вреди да биде разгледан не само од американскиот претседател и влада, туку и од ирачката влада. Ќе го простудираме многу внимателно и ќе решиме која од те идеи вреди да се примени”, вели Сумајдае. Ројтерс пренесува изјава на потпретседателот на владата Бархам Салих дека извештајот бил “на линија со гледањето на ирачката влада оти безбедноста мора да им биде пренесена на Ирачаните и тие треба да го преземат водството”. Ирачкиот премиер Нури ал Малики, според сопствените зборови, бил консултиран од авторите за четири теми на извештајот.

Сириската влада, според зборовите на министерот Бутаина Шабан, го поздравува извештајот и го смета за многу интересен чекор. Тој значи, со Божја волја, крај на оваа ера на американска интервенција во регионот и на американска окупација на Ирак, која донесе катастрофални последици во целиот регион”, вели Шабан. Дамаск смета дека клучно прашање останува израелската окупација на голанската висорамнина.

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт во првата реакција предупреди дека е погрешно арапско израелскиот конфликт да се поврзува со проблемот на Блискиот исток. Олмерт отфрли каква било можност за итни преговори со Сирија, бидејќи властите во Дамаск го поддржувале владејачкото палестинско движење Хамас кое не го признава правото на постоење на Израел. Кабинетот на палестинскиот лидер Махмуд Абас го поздрави извештајот и повика на мировен договор, Хамас го одби бидејќи според него основниот пробле е израелската окупација на палестинските територии.

Јапонската влада го означи извештајот како “конструктивен”. Австралискиот премиер Џон Хауард изјави дека меѓународните трупи треба да се повлечат од Ирак дури кога земјата ќе стане стабилна демократија. Повлекување под сегашните услови би изгледало како западните трупи да се поразени и тоа би му дало енормен поттик на тероризмот во регионот и светот, оцени Хауард.