1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Решавачки тест за иднината на земјата

Проследени со терор и страв, во Ирак се одржaa (07.03.2010) вторите по ред парламентарни избори по падот на Садам Хусеин. Гранати експлодираа и покрај силните безбедносни мерки преземени од страна на властите.

default

Ирак-меѓу хаосот, расцепканоста и помирувањето

Во повеќе напади во Багдад и други места загинаа повеќе луѓе. Гранати експлодираа и покрај силните безбедносни мерки преземени од страна на властите, меѓу кои и забрана за возење низ Багдад. Исклучок имаше само за автомобили со посебна дозвола. Граничните премини во најголем дел беа затворени, исто како и аеродромите во земјата. Во делови од Багдад беа поставени дополнителни контролни пунктови, некаде на секои 50 метри. Парламентарните избори во Ирак важат за решавачки за иднината на земјата.

Се‘ се врти само околу власта и нафтата

На изборите се бараа политичари кои ќе се грижат за потребите на луѓето - снабдување со електрична енергија и вода, безбедност и работни места, борба против големата корупција и изградба на функционални институции. Но, такви политичари на изборните листи речиси и нема. Се работи за власт во, богатиот со нафта, Ирак. А актуелниот премиер Нури ал-Малики кој ја предводи листата со збунувачко име „правна држава“ не би сакал да ја препушти на други туку-така. Јоост Хилтерман, заменик директор на програмата за Блиски Исток на Меѓународната кризна група, во изборната борба на која печат и‘ дадоа лица и конфесии, гледа причини за загриженост:

„Проблемот во Ирак е што нема држава. Има влада, но нема држава. Нема функционални институции.“

Irak / Wahl / Bagdad / NO-FLASH

Ако на последните избори во 2005 година едни на други беа спротивставени трите големи конфесии - шиити, сунити и Курди, сега политичкото милје е многу порасцепкано, но е исто толку верски конципирано, објаснува ирачкиот социолог Фалех Абдул-Џабар:

„Внатрешните разијдувања меѓу Курдите, сунитите и шиитите, произведоа голем број политички сили. Расцепканста е толку голема, што е така да се каже - борба на секого против секого.“

Нема да има јасен победник

Никој не очекува денешните избори да донесат јасен победник. Фаворити за најсилна пратеничка група во парламентот се листата на Ал Малики, или Ирачкиот национален сојуз на Амар ал-Хаким и Моктада ал-Садр, кој има шиитска поддршка и поддршка од Иран. Шанси и‘ се даваат и на Иракија, предводена од шиитот Ијад Алави, која е единствена секуларна алијанса во која има познати сунитски имиња. Листата на Курдите, при составувањето на коалицијата ќе биде веројатно политичката сила која ќе одлучи како ќе изгледа таа коалиција. Но, Абдул Џабар нагласува, дека притоа не треба да се прават споредби со европскиот демократски модел:

„Наместо тоа, ние имаме ситуација во која ниту една партија нема да може да им ја наметне сопствената волја на другите. Имаме практично „луѓе кои сакаат да бидат диктатори“, но се сите отприлика еднакво силни. Тоа е позитивната страна на политичката расцепканост.“

Irak Wahlen Frau Kurdistan

Изборно место во Курдистан

И на 19-те милиони избирачи, според Саад Абдил-Разак од Институтот за стратешки студии во Бејрут, им недостига политичка зрелост:

„Во Ирак има слободни избори, но за жал нема политизирани граѓани. Тие не избираат некого затоа што им се допаѓа програмата на таа партија.“

Ќе има судир на политичките елити

Избирачите во Ирак ги даваат гласовите во согласност со своите верски или етнички погледи на светот. Голем дел од набљудувачите очекуваат тешки коалициони преговори по изборите, кои би можеле да траат со месеци. Јоост Хилтерман оценува:

„Се плашам дека политичките елити ќе дојдат до точка кога веќе нема да разговараат едни со други и наместо тоа ќе почнат да се борат едни против други.“

Сите тие имаат вооружени милиции или контролираат делови од армијата. Армијата, во најлош случај, би можела да се распадне, вели Хилтерман. Вакво сценарио би можело времено да се поклопи со повлекувањето на американските сили од Ирак, предвидено за крајот на август. Ситуација која би била тешка. Додека Вашингтон сака да обезбеди доволно стабилна состојба во Ирак, за да може да се реализира планираното повлекување на трупите, соседните држави на Ирак имаат поинакви сценарија. Иран, кој има најголемо влијание, си посакува влада која ќе му биде наклонета на Техеран, а ќе биде против Американците, вели социологот Абдул-Џабар. Тоа, пак, не и‘ се допаѓа на Саудиска Арабија. Сите, вклучително и Турција и Сирија, сакаат релативно висок степен на стабилност во Багдад, но Ирак во никој случај не би требало да биде толку силен за во иднина да претставува закана за другите.

Автор: Биргит Каспар/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска