1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Решавачка битка на претседателот

Денеска (21.03.2010) во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес треба да падне една од најважните одлуки во мандатот на претседателот Барак Обама - Законот за здравствената реформа.

default

Протести против здравствената реформа во Вашингтон

Демократите можат да заборават на поддршката од републиканците, тие веќе јасно ставија до знаење дека нема да ги поддржат реформите во здравствениот систем. Сега единственото прашање е дали демократите ќе успеат од сопствените редови да мобилизираат доволно гласови?

„Сега се` е во ваши раце“. Со овие зборови претседателот Обама за последен пат пред денот на гласањето им се обрати на пратениците од редовите на Демократската партија, во надеж дека неговите реформи во здравствениот систем конечно ќе можат да стапат на сила. „Време е да го донесеме овој закон. Да ја истуркаме работата до крај!“ Се работи за најважната внатрешнополитичка цел, што претседателот си ја зададе уште во текот на предизборната кампања. За него донесувањето на Законот за реформи во здравствениот систем е поважен, отколку неговиот реизбор на функцијата претседател на изборите во 2012 година.

„Дали е ова најважниот чекор за реформи во здравството по цели 55 години? Апсолутно. Дали сегашниот систем со ова ќе стане подобар? Апсолутно“, истакна Обама.

Реформа со исклучителна важност

Препирањата околу предложениот закон траат веќе една година. Денеска конечно ќе се знае дали има шанси тој да стапи на сила, што би им помогнало на триесетина милиони Американци да дојдат до здравствено осигурување.

„Не знам како здравствените реформи ќе се одразат политички, но знам дека се вистинскиот избор. И Теди Рузвелт го знаеше тоа, Хари Труман го знаеше тоа, Тед Кенеди го знаеше тоа. А ако и вие сметате дека реформите се вистинскиот избор, тогаш мора да помогнете да ја довршиме оваа битка“, истакна Обама, неколку дена пред гласањето во Претставничкито дом.

Неговиот апел е, пред се`, наменет кон оние пратеници од неговата партија, кои досега беа скептични околу здравствените реформи и се закануваа дека нема да го дадат својот глас за нив. Колку точно се на број, никој не знае. Она што е јасно е дека претседателот мора да собере најмалку 216 партиски истомисленици, доколку сака денешното гласање да биде успешно. На републиканците не треба да се надева, тие одлучно одбиваат да гласаат за Законот за реформите во здравствениот систем.

Силен отпор

Доколку Законот помине во Претставничкиот дом, за него треба да гласа и Сенатот, но се смета дека таму веќе е постигната согласност околу реформите во здравството. Сепак, републиканците и таму ќе се обидат колку што можат подолго да го одолговлечат нивното стапување во сила, преку редица измени и дополнителни барања.

Истовремено пред Капитол протестираат илјадници противници на здравствените реформи. На нивните плакати реформите на претседателот Обама се претставени како „социјалистички“. За републиканците доволен знак дека нивните колеги од Демократската партија треба конечно да го слушнат гласот на народот.

Автор: ТТ/ЖА/дпа/ројтерс/афп/дв

DW.COM