1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Речиси 60 странски лидери ќе му оддадат последна почит на Мандела

Педесет и девет шефови на држави или на влади досега соопштиле дека ќе допатуваат во Јужноафриканската Rепублика, соопшти портпаролот на министерството за надворешни работи на ЈАР.

Милиони луѓе во Јужноафриканската Република денеска (8.12) му оддаваа почит на својот национален херој Нелсон Мандела на комеморациите ширум земјата. Молитвите во црквите, џамиите, синагогите и храмовите му беа посветени на првиот црномурест претседател, кој земјата ја ослободи од расистичкиот режим на апартхејдот и воведе демократија. „Смртта на Мандела е невидена загуба за земјата“, изјави претседателот на Јужноафриканската Република Џејкоб Зума за време на богослужбата во едно предградие на Јоханесбург претежно населено со белци. Мандела почина во четвртокот (05.12) по тешко боледување, на 95-годишна возраст.

На централната комеморативна церемонија во вторник своето присуство го најавија бројни еминентни гости од странство, меѓу другото американскиот претседател Барак Обама, неговите претходници на функцијата Џорџ Буш помладиот и Бил Клинтон, потоа Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун и претседателот на Франција Франсоа Оланд. Германија на комеморацијата ќе ја претставува сојузниот претседател Јоахим Гаук. Мандела потоа на 15 декември ќе биде погребан со државни почести во неговото родно место Куну.

Портпарол на министерството за надворешни работи на Јужноафриканската Република денеска за светските новински агенции соопшти дека 59 шефови на држави или на влади ппотврдиле дека ќе допатуваат во земјата за да му оддадат последна почит на Нелсон Мандела. Некои од нив ќе присуствуваат на централната комеморација на стадионот во Јоханесбург, а некои и на погребот во Куну на 15 декември.

Конечниот број на странски високи државници кои ќе допатуваат во Јужноафриканската Република меѓутоа сѐ уште не е утврден.