1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Рецесија и во мерките против рецесија

Како што грипот не може да се лечи со витамин Ц, така и рецесијата не може да се победи со мерки кои немаат антирецесиска суштина, предупредуваат економски експерти, по најавите на владините мерки за излез од кризата.

Економската политика на владата не е поставена антирецесиски и ако изостане конкретна реакција, рецесијата може да се прелее во наредната година, предупредува поранешниот македонски министер за финансии, Никола Поповски:

„Премиерот вели дека рецесијата била очекувана, но тоа е несериозно, бидејќи пред два месеца владата направи нов ребаланс на буџетот и предвиде раст од 2,5 отсто. Имаме апсурдна ситуација - од една страна мерки што се поставени развојно, од друга - рецесија. Владата треба да го зголеми штедењето и да ги намали дефицитот на буџетот, непотребните јавни трошоци и задолжувањето во странство, а да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар и со индиректни мерки да им помогне на компаниите што имаат намален извоз.

Nikola Popovski

Никола Поповски: Ако изостане владината реакција, можно е рецесијата да се прелее и во наредната година

Ако изостане владината реакција, можно е рецесијата да се прелее и во наредната година", категоричен е Поповски.

Владата, пак, уверува дека рецесијата е пресретната токму со ребалансот на буџетот, кога е задржано високо ниво на капитални инвестиции во насока на поддршка на стопанството. Оттаму уште велат: обезбедени се и две кредитни линии - една од 100 милиони евра за мали и средни претпријатија и друга од 11 милиони евра за земјоделските претпријатија, има програма за заштита на социјалните категории, преку изведување јавни работи со креирање 4.000 работни места по таа основа и дополнителни привремени вработувања, а подготвен е и проект со кој  1.000 граѓани ќе се самовработат со кредитирање, за што се обезбедени 193 милиони денари.

Ограничени ефекти

Дел од економистите укажуваат дека тие се редовни мерки кои беа спроведувани и во време на поголема стабилност на економијата и не може истите да се претставуваат како специјална терапија против рецесијата.

Според академик Таки Фити, дури и типичната антирецесиска мерка која преовладува во земјата, како што е зголемување на државната потрошувачка, дава ограничени ефекти, поради фактот што зголемените буџетски дефицити главно се насочени во непродуктивни цели - административни згради и споменици:

ARCHIVBILD Werbeplakat einer privaten Arbeitsvermittlungsagentur

Владата, меѓу другото, најавува нови вработувања

„Во вакви услови, т.н. буџетски мултипликатор, според кој еден денар потрошен од буџетот треба да додава 2, 3 или повеќе денари на БДП, или комплетно изостанува, или има ниска вредност. Дополнително, ефектите се ограничени и со доцнењето на владините исплати на приватниот сектор", укажува Фити.

Според него, мобилизирањето кредитни линии за мали и средни претпријатија од странски извори е добра мерка, но одлагањето на европските еколошки стандарди за металуршкиот сектор до 2019 година, на среден рок ќе има негативни импликации и за фирмите и за животната средина.

Простор за интервенција

Нобеловецот и професор по економија, Пол Кругман, неодамна илустративно ја опиша кризата: „Рецесија е кога паѓате надолу, а депресија е кога сте веќе долу". Просторот меѓу слободниот пад и дното е простор за сериозна интервенција за да може земјата да се врати горе или барем да го стопира падот. Владата знае дека нема волшебно стапче, но има економски законитости и тие мора да се почитуваат. На тоа потсети Стопанската комора на Македонија, која, за да не дојде до нови нарушувања на пазарот, ќе бара примена на директивите на ЕУ од јуни 2000 година, во кои се санкционира секакво неплаќање, односно неизвршување на должничко-доверителските обврски меѓу компаниите, како и вистинско функционирање на задолжницата. Нов приоритет на СКМ ќе биде да се одржи активноста на компаниите и да се оствари економски раст од 1 отсто, за што ќе биде неопходно отворање нови пазари во земји кои не се зафатени од кризата.