1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рецепт за успех на македонското вино

Постојан квалитет и конкурентни цени.Првиот човек на германската винарија „Биндерер“, Петер Биндерер, ги охрабрува македонските винарии да бидат оптимисти и да продолжат да инвестираат во производната технологија.

default

Виното во шише од Македонија се’ уште во потрага по странски пазари

Винаријата Биндерер во Германија со децении е тесно поврзана со Македонија. Лоцирана во близина на градот Франкфурт, во оваа винарска визба со години се полнат македонски вина кои оттаму го наоѓаат своето место на полиците на супермаркетите во Германија и пошироко во Европа.

Сопственикот Петер Биндерер во разговор за Дојче Веле раскажува за врската со Македонија и македонското вино за кое вели дека полека но сигурно станува неизбежен дел од германското секојдневие:

„Мојот татко кој ја основаше нашата винарска визба беше првиот кој започна да увезува вино од Македонија. Македонското вино е неизбежен дел од историјата на нашата фирма и слободно можам да кажам дека на него гледаме со љубов. Вината од Македонија не ги продаваме само во Германија, туку и во други земји од ЕУ. Македонското црвено вино е на петто место по продажба во Германија и има пазарен удел од 13 до 15% од сите увезени вина, вклучително и германските“, вели Биндерер.

Weinanbau in Mazedonien

Чекор по чекор до успех


Во услови на огромна конкуренција пред се од традиционалните пазари како Франција, Шпанија и Италија, Македонија тешко се пробива на западните пазари пред се со флаширани производи. Биндерер советува да се биде оптимист и трпелив:

„Голем предизвик е да се произведе квалитет и тоа постојан. Потребно е трпение и да се оди чекор по чекор. Нашиот партнер во Македонија со кој соработуваме тоа го прави со години. Најдобрата пропаганда е она што се наоѓа во шишето, а тоа е квалитетот на кој треба силно да се работи. Македонија не е земја која потрошувачите веднаш ги асоцира на вино. Затоа мислам дека се` уште е многу тешко флашираното вино да се пробие во земји како Германија и Англија и слично“, вели Биндерер.

Оптимизам и работа

Grüne Woche Berlin

Во услови на огромна конкуренција, германскиот производител вели дека е многу тешко да се прогнозира како ќе се развива овој бизнис во иднина. Посебно кога станува збор за земји како Македонија:

„Мислам дека иднината е во рацете на секоја земја поединечно. На пазарот на вино постојано се случуваат промени. Кога ќе помислите колку вина се произведуваат во светот и по кои цени тие се продаваат во нашите супермаркети, мислам дека е невозможно да се прогнозира што ќе се случува наредните години. Но мислам дека она што е во рацете на земјите, е прво да се остане оптимист, силно да се работи на квалитетот, уште на самите лозови насади. Ако не насадите вистински и квалитетни лози, тогаш не можете да очекувате дека ќе произведете добро вино. Потоа технологијата во винарската визба и секако луѓето кои мора да бидат посветени со својата работа да произведат добар производ. Секоја земја која го има ова може да смета на успех“, вели Биндерер.

Според податоците, годишно во Германија се извезуваат околу 20 милиони литри македонско наливно вино. Повеќе од една третина од извозот, завршува токму во винаријата Биндерер, од каде во шишиња како македонско вино се продава на полиците на синџирот супермаркети Алди, Едека и други.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Симе Недевски