1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Реформата на ОН е повеќе отколку само реформа на Советот за безбедност

– на ова му придаде најголемо значење претседателот на Генералното Собрание на ОН Жан Пинг при презентирањето на резолуцијата за обнова на светската организација. Осонова за резолуцијата е пакетот реформски предлози што во март годинава го поднесе генералниот секретар Кофи Анан.

Кина се противи на проширување на Советот за безбедност на ОН: кинескиот амбасадор Ванг

Кина се противи на проширување на Советот за безбедност на ОН: кинескиот амбасадор Ванг

„Во целиот свет има надеж дека нешто се придвижува. Јавното мислење ќе ги принуди владите да донесат решенија. Мислам дека реформата ќе биде амбициозна, но не и нереалистична“ – рече Пинг на пленарната седница на Генералното собрание.

Клучни точки на реформата остануваат развојот, безбедноста и човековите права. Во голема мера неспорни се стегањето на често критикуваната управа на ОН и востановувањето нов, помал Совет за човекови права наместо оспоруваната женевска Комисија за човекови права. Ќе има и ново тело што ќе ги координира мировните акции. Треба да биде подобрена и развојната помош, но нема да биде пропишана стапката на издвојување за развојна помош од националните буџети на државите, како што бараа многубројни земји. Ќе има и содржински прецизирања – на ОН им е потребна јасна дефиниција на поими како „легитимна примена на воена сила“, „геноцид“ или „тероризам“. „Резолуцијата го осудува тероризмот и ја поддржува намерата за искоренување во сите негови форми. До наредната година треба да биде усвоена и Конвенција против тероризмот“ – објасни Пинг.

Во врска со проширувањето на Советот за безбедност, јадрото на реформата, текстот се ограничува само на магловитото барање најважното тело на ОН да се прилагоди на реалностите на денешнината. По ова прашање и натаму нема согласност. Во оптек е предлог-резолуцијата од Германија, Јапонија, Индија и Бразил, со која се бара проширување на Советот од 15 на 25 членови, при што уште 6 би добиле постојан статус – покрај предлагачите, уште и две африкански земји. Кина спроти дебатата повторно предупреди од планираното проширување на Советот за безбедност во овој момент, зашто би можело да води кон расцеп во светската заедница – како што формулира кинескиот амбасадор Ванг. Отпор против предлогот има и од Италија, Пакистан и Мексико. Пекинг сака по секоја цена да спречи некогашниот воен противник Јапонија да стане постојан член. Франција и Велика Британија се за проширување, Русија и САД не се дефинитивно решени, но Вашингтон досега го преферира Токио пред Берлин. Во пленумот нема вето, туку решенија со двотретинско мнозинство на 191-на земја на ОН. Поради тоа германскиот амбасадор во светската организација Гунтер Плојгер не е импресиониран од отпорот на Кина. „Ние уште немаме ништо слушнато за растечки отпор. Токму спротивен е резултатот од постојаните контакти со сите членови на Генералното собрание. Она што расте е само поддршката за нашата резолуција“ – вели Плојгер.

Во дефинитивниот текст на реформската резолуција, што треба да биде понуден во септември, можат да бидат извадени делови како за проширувањето на Советот за безбедност и тие да бидат дополнително усвоени.