Реформата на банките на агендата на ЕУ | Економија | DW | 18.10.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Реформата на банките на агендата на ЕУ

Европските лидери ќе се обидат да ги надминат длабоките недоразбирања во врска со плановите за банкарска унија на самитот кој денеска започнува во Брисел. Сепак, не се очекуваат никакви клучни одлуки.

Тоа одново ги буди грижите дека Унијата е пасивна кога станува збор за решавањето на должничката криза. Ова ќе биде четврта средба на лидерите на ЕУ годинава и 22. самит од почетокот на големата криза во Грција во 2009. Но, дипломатите не очекуваат никаков пресврт на дводневниот состанок, имајќи предвид дека агендата е речиси целосно насочена кон долгорочниот план за преобразба на банките и државните економии.

Откако Шпанија срамежливо соопшти дека е подготвена да земе ограничена кредитна линија, првите луѓе на 27. земји-членки за првпат по подолго време ќе бидат во можност да разговараат без поголеми грижи за должничката криза.

И стравувањата за иднината на Грција се намалени, откако претставниците на тројката меѓународни кредитори на заминување од земјата во средата, соопштија дека се многу блиску до одобрување на следната транша од кредитот во следните неколку дена.

„Што се однесува до излезот од кризата во еврозоната, мислам дека сме многу, многу блиску“, порача францускиот претседател Франсоа Оланд.

EU Gipfel Merkel

Германија бара поголеми овластувања на комесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен.

Се очекува германската канцеларка Ангела Меркел да притисне за поцврста координација и контрола врз фискалната политика, што во пракса би значело дека државите ќе мораат да даваат сметка за своите национални буџети во Брисел. Германија исто така бара, во име на посилна Унија, да му се дадат поголеми овластувања на комесарот за економски и монетарни прашања, Оли Рен.

Поостра дебата може да се очекува околу договорот од јунскиот самит за формирање на единствен европски банкарски регулатор, што е првиот чекор кон можноста фондот за спас ЕСМ директно да им помага на загрозените држави.

Мнозинството од 17. члената еврозона го поддржува предлогот, иако постојат разлики околу тајмингот, како и загриженост од земјите кои не се дел од еврозоната, дека нивните банки ќе мора да работат под нови услови без притоа да бидат прашани.

Официјален Берлин, иако ја прифати идејата, бара таа да се спроведува побавно и помалку амбициозно од она што го бара Париз, на пример.

Од друга страна, Велика Британија, пак, сериозно се спротивставува на какво било ново правило, кое би можело да му наштети на нејзиниот финансиски пазар во Лондон.

Оттука аналитичарите не очекуваат никакви посериозни одлуки од Брисел, во најмала рака тоа нема да се случи до следниот самит закажан кон крајот на годинава.

Поврзана содржина