1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Референдум на Србите за косовските институции

И покрај противењето на Белград, Приштина и Брисел, Србите во четири општини на северот од Косово се изјаснуваат на референдум за тоа дали ги прифаќаат или не институциите на Косово.

Меѓутоа, референдумот (14 и 15.02), тој најдемократски облик на изразување на волјата на граѓаните, може да доведе до понатамошно радикализирање на состојбите на Косово, ги загрозува европските аспирации на Србија, а би можел да биде вовед и во заминувањето од власт на европски ориентираниот претседател Борис Тадиќ на редовните избори, кои веројатно ќе се одржат на почетокот од мај годинава.

ЕУ само што именуваше нов специјален претставник на Косово (на 01.02.2012), а тој веќе се соочува со проблеми. Србите од четири општини на северот од Косово преку референдум ќе се изјаснат дали ги прифаќаат институциите на Косово. Право на глас имаат околу 35.500 луѓе.

Србите поделени за референдумот

Serbien Präsident Boris Tadic

Референдумот може да го оддалечи Тадиќ од власта, бидејќи Србија не би ја добила кандидатурата од ЕУ

Милан Ивановиќ, еден од лидерите на тамошните Срби и претседател на Српскиот национален совет на Северно Косово, е уверен дека Србите имаат право на референдум, а повикот на официјален Белград да се повлечат од него го оценува како „собирање на политички поени“.

„Мислиме дека се работи само за обид да се дојде до кандидатура за ЕУ, односно дека нивната основна цел е да останат на власт преку добиената кандидатура“, забележува Ивановиќ.

Меѓутоа, сите Срби на Косово не мислат како Ивановиќ. Претседателот на општината Лепосавиќ Бранко Ниниќ, инаку член на Демократската партија на претседателот на Србија Борис Тадиќ, е против референдумот, бидејќи смета дека тој нема да ја промени состојбата на терен.

„Референдумот е непотребен во овој момент, пред се’ поради тоа што граѓаните на северот од Косово јасно рекоа дека не сакаат да ги прифатат приштинските институции и тоа го покажаа од 25-ти јули до денес. Второ, референдумот би требало да се одложи и поради тоа што од претставниците на меѓународната заедница, како и од претставниците на Србија, слушаме дека тој референдум може да ги загрози интересите на нашата Република Србија, единствената држава која ја имаме“, вели градоначалникот Ниниќ.

Од прогласувањето на независноста на 17-ти февруари 2008-ма година, Косово го признаа 86 држави членки на ОН и 22 од 27 членки на ЕУ, меѓу кои и Германија. Србија има поддршка од Русија и Кина во одбивањето да ја признае косовската независност и поради тоа на Косово му е отежнат приемот во ОН.

Референдумот ќе донесе последици за Србија

За аналитичарот Душан Јањиќ референдумот претставува дополнителна радикализација на состојбите на Косово и наведува три последици за Србија.

Samuel Zbogar EU Bauftragter für Kosovo

Самуел Жбогар вели дека ако сега не се постигне договор Приштина - Белград, тогаш наскоро ќе го нема

„Првата е што е отежната ЕУ кандидатурата за Србија и илузијата на Белград дека ќе ја добие. Се разобличува и немоќта на Тадиќ и неговата партија да влијаат на процесите на северот од Косово, а и во самата Србија. Трето, Косово ќе стане главна тема на изборната кампања, а владејачката коалиција на таа тема може само да изгуби“, вели Јањиќ.

Пораката на новоименуваниот претставник на Брисел на Косово би можела за Србија и Тадиќ да биде последна шанса.

„Земјите членки на ЕУ навистина сакаат да дадат кандидатски статус на Србија. И Косово е заинтересирано да се реши начинот на претставување во регионалните организации. Сите страни сакаат договор, но ако сега не го постигнеме, мислам дека нема да го постигнеме брзо“, вели Жбогар.

Автор: Иван Ѓерковиќ / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска