1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Референдум за уставни измени

Денеска (12 септември) околу 50 милиони граѓани на Турција со право на глас ќе се изјаснат за измени во уставот на државата со кои се предвидува намалување на влијанието на армијата во политиката и судството.

default

Исходот од референдумот е неизвесен. Според анкетите, трката меѓу противниците и поборниците за уставните промени ќе биде жестока.

Владата предложи измени на 26 член од уставот на Турција донесен на почетокот од осумдесетите години од страна на армијата, која пред точно триесет години бунтовнички се избори за власт во земјата. Централна точка на уставните измени е зајакнување на демократски легитимираните институции наспроти војската.

Уште една рунда во борбата за превласт

Референдумот е уште една рунда во борбата за превласт меѓу старата кемалистичко-лаицистичка елита и владејачката религиозно-конзервативната Партија на правдата и развојот на актуелниот премиер Реџеп Таип Ердоан, кој со недели јавно апелира до граѓаните да ги поддржат уставните измени:

„Позитивниот глас што ќе го дадете на референдумот нема да заврши во полза на нашата партија, туку ќе биде во полза на вашата иднина и на вашите деца!“

Türkei Tayyip Erdogan und Generäle

Премиерот Ердоан сака да ја ограничи власта на генералите

Речиси сите партии од опозицијата на чело со кемалистичко-социјалистичката Републиканска народна партија ги повикаа граѓаните да заокружат „не“ на референдумот. Новиот претседател на партијата, Кемал Киликдароглу предупреди дека владејачката партија на Ердоан ќе стане уште помоќна, доколку се направат измени во уставот:

„Управата на градот Мардин, чии членови се од редовите на партијата на Ердоан, ги отстрани нашите плакати за решително ’не’ на референдумот за кои претходно добивме одобрение. Нашите луѓе се обратија кај јавниот обвинител, но тој од страв не презеде никакви мерки. Како може да се очекува од таков јавен обвинител кој е под силно политичко влијание, утре да го брани правото на граѓаните? Сакам сите да разберат што се` може да се очекува од таквите јавни обвинители кога ќе подлегнат под Партијата на правдата и развојот.“

Засегнато е и правосудството

Зад ваквиот аргумент, кој според многумина е крајно субјективен, стои фактот што уставните измени делумно се однесуваат и на правосудството. Поедноставно кажано, со измените на уставот ќе се зголеми влијанието на парламентот врз врховните судии и јавните обвинители, а ќе се намали силното влијание на старата кемалистичка елита врз судството.

Kemal Kilicdaroglu Türkei Opposition CHP

Плакат на опозицијата-Кемал Киликдароглу

Премиерот Ердоан излезе во јавноста со аргумент дека во многу земји-членки на Европската унија, парламентите самостојно ги избираат врховните судии и нагласува дека на модерна Турција и` е потребна промена на уставот:

„Со овој пакет уставни промени значително ќе се поедностави патот на Турција кон Европската унија и модерниот свет.“

Брисел ги поддржува промените

Поддршка за реформите, Ердоан доби и од Брисел: Европската унија ги оцени планираните уставни измени како „чекор кон вистинскиот правец“ и особено ја пофали иницијативата за формирање Централна служба за граѓански жалби, за ограничување на надлежноста на воените судови и за зајакнување на правата на децата. За ваквиот пакет-мерки, без многу двоумење би гласале мнозинство од Турците.

Истражувачите на јавното мислење, пак, предвидуваат жестока трка меѓу двете политички страни. Главен проблем е што на голем број граѓани им пречи тоа што мора да гласаат за целиот пакет, вклучително и спорната реформа на правосудството. Зелиха Ајдин, правничка од Истанбул, токму затоа и ќе го бојкотира референдумот:

„Во пакетот се предвидени некои измени со кои не се согласувам, а немам друг избор освен да гласам ’за’ или ’против’ целиот пакет, што според мене е крајно недемократски.“

Автор: Штефен Вурцел / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM

Поврзана содржина