1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот како оружје на Ципрас

Спирос Москову/ превод: Ж.Ацеска 5 јули 2015

Грците гласаа на референдумот и со мозинство ги отфрлија условите за штедење и реформи на кредиторите. Владата се обидува од резултатот да извлече незаработен профит, смета Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/1Ft8G
Фотографија: picture-alliance/dpa/Kay Nietfeld

Мнозинството грчки гласачи на денешниот референдум го отфрли последниот предлог за штедење и реформи од меѓународните кредитори. Со оглед што овие предлози од прекинот на преговорите пред девет дена веќе се неважечки, денешниот резултат мора слободно да се интерпретира. Мнозинството од населението одбива натамошни мерки за консолидирање и приспособување на грчките финансии кон правилата на еврозоната и истовремено ја поддржува тактиката и политиката на владата на Ципрас. Популистичката коалициска влада во Атина неволно преговараше пет месеци, пред неодамна да ја напушти преговарачката маса.

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову

Дали на грчката демократија прво треба да и‘ се оддаде признание, а потоа да се насочи назад кон драхмата? Ситуацијата, за жал, е комплицирана. Денеска во Атина насекаде можеа да се видат долги редици, но не пред избирачките места, туку пред банкоматите. Луѓето секоја вечер се обидуваат, уште од полноќ, да дојдат до прекупотребните пари. Мора да се констатира и излезноста на референдумот - 60 проценти, иако Сириза ги мобилизира сите можни резерви, дури и турското малцинство во Тракија! На безброј Грци им е преку нос од политичарите на нивната земја и првостепени им се грижите околу своето преживување.

Владата на Ципрас пак го слави „ѕвонливото не“ и истовремено демонстрира оптимизам. Атина ќе постигне договор со своите доверители во рок од 48 часа, се вели со денови. Вечерва се кажува уште поконкретно: новото оружје на тимот на Ципрас е резултатот од референдумот и објавениот извештај на ММФ, според кој грчкиот државен долг не е поднослив. За случај кредиторите да не бидат имперсионирани, во Атина уште вечерва е донесена конкретна мерка: владата ги блокира парите во готовина, депонирани во банкарски сефови, кои се проценуваат на околу 10 милијарди евра. Намерата е да се изврши проверка дали овие пари не се заработени со затајување данок. Господ да го чува грчкиот народ од неговите политичари!