1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Референдумот за хомосексуалните бракови ја подели Хрватска

Веќе со месеци во Хрватска жестоко се расправа за истополовите бракови. Да се овозможи легализација на хомосексуалните партнерства или не? За тоа прашање денеска граѓаните ќе се изјаснат на референдум.

Критичарите стравуваат дека исходот од референдумот може да претставува чекор кон ограничување на правата на малцинствата во земјата. Притоа, јасно е дека хрватското општество е поделено по ова прашање. Последните недели политичката расправа беше дополнително засилена, бидејќи независно од исходот на референдумот, останува нејасна евентуалната формулација на „истополниот брак“ во односните закони и Уставот.

Во моментов, единствено во Законот за семејство се наведува дека „бракот е заедница меѓу маж и жена“. Дефиниција за тоа во Уставот нема. Во меѓувреме целата расправа доби и јасна верска конотација. Поларизацијата на општеството потсетува на времињата од почетокот на војната во поранешна Југославија на почетокот на 90. години. Денеска (1. декември) ќе се стави точка на тоа прашање со референдумот инициран под паролата „Во име на семејните вредности“. „Сакаме јасно да ставиме до знаење дека мнозинството граѓани во Хрватска се за заедница меѓу маж и жена“, објаснува за ДВ, предводничката на иницијативата за забрана на хомосексуалните бракови Жељка Маркиќ.

Прв граѓански референдум

Граѓанското здружение кое ги „брани“ интересите на семејството собра 750 илјади потписи за само две недели, што е околу 20 проценти од севкупното гласачко тело во Хрватска и двојно повеќе од предвидениот законски минимум. Според главната пропагандистка на движењето, Маркиќ тоа е важен чекор во развојот на демократијата. „Бидејќи тоа е првиот референдум во земјата од стекнувањето на независноста пред 23 години“.

Kroatien Referendum Ehe 23.05.2013

Собир на организаторите на референдумот

Иницијативата „Во име на семејството“ не е осамена во својата кампања. Голема организација и финансиска помош таа добива и од најголемата опозициска партија ХДЗ, но и од Католичката црква. Црковните старешини веќе подолго време ги повикуваат верниците да го поддржат референдумот, во земја во која 90 отсто од граѓаните се од католичка вероисповед. Конзервативните сили во целост го поддржуваат референдумот и порачуваат дека се залагаат за „Хрватска во која истополните бракови нема да можат да посвојуваат деца бидејќи тоа го нарушува културниот и националниот идентитет“.

На другата страна се левичарските и либералните организации кои водат контра-кампања под мотото „Граѓаните гласаат против“. Тие сметаат дека нема потреба за промена на Уставот и стравуваат дека општествената клима по референдумот во Хрватска ќе се влоши.

Во Хрватска, генерално, владее малку полиберален став кон хомосексуалците, за разлика од другите земји во Југоисточна Европа. На листата од 49 европски земји, Хрватска е на 13. место веднаш за Финска. Но, стравувањата дека правата на сексуалните малцинства, по референдумот би можеле да бидат загрозени не се без основа. Во иднина, на мета на конзервативните и десничарски организации би можеле да се најдат и други малцинства.
„Референдумското изјаснување отвора врата кон уставни промени, а тоа на долг рок би можело да ги загрози човековите права во Хрватска“, смета Јелена Барковиќ од организацијата „Граѓаните гласаат против“. На тој список би можеле да се најдат и правата на националните малцинства, како Србите. Веќе се најавува и референдум со кој ќе се ограничат правата на малцинствата во населените места каде тие се помалку од 50 проценти од населението.

Идеолошка дисциплина

Вжештената расправа во Хрватска ја следат и други причини, објаснува политологот и социолог од Загреб, Жарко Пуховски.

„Тука всушност, и левицата и десницата посакуваат идеолошка дисциплина и мобилност на своите поддржувачи, бидејќи во важните стопански и општествени прашања меѓу нив речиси и нема големи разлики“. Поради тоа се отвораат општествено-морални прашања во надеж дека ќе може да се профитира од големата расправа. Прашањата како вонтелесното оплодување, абортусот или геј браковите, не се ништо друго туку обид да се оттргне вниманието од горливите проблеми, вели Пуховски.

Хрватското стопанство е во сериозна криза. Стапката на невработеност расте и во моментов изнесува 17 проценти. Меѓу младите, невработеноста е далеку повисока, и според некои проценки, достигнува и до 50 проценти. Економијата опаѓа, а корупцијата расте.

За денеска закажаниот референдум најверојатно ќе биде успешен. Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека околу 68 отсто од испитаниците ќе ја поддржат промената на Уставот, наспроти 26 проценти кои се против.