Референдумот во Македонија не успеа. Како понатаму во Македонија? | Теми на денот | DW | 08.11.2004
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Референдумот во Македонија не успеа. Како понатаму во Македонија?

Со страв очекуваниот 7-ми ноември, денот на Референдумот во Македонија, помина.

И сега не само владеачките партии, македонската СДСМ и албанската ДУИ, можат да се опуштат. Резултатот е олеснување и за ЕУ и САД кои повикаа на бојкот на референдумот.

Коментар на Нада Штајнман

Aмериканската дипломатија повторно беше брилијантна. Неколку дена пред референдумот ја објави за Македонците, сензационалната вест: САД официјално го признаваат името “Република Македонија“. Тоа беше како мелем на старата рана на Македонците. Грција веќе со години со своето вето наметнува државата во меѓународната комуникација да се ословува со ФИРОМ.

Радоста од американското признавање беше голема. Дали притоа беше заборавено што се сакаше со собирањето на 180.000 потписи против новиот закон за организирање на општините? Дали целата врева од изминатите месеци беше попуста ? Или можеби преку ноќ се создаде нова европска свест во оваа мала балканска држава? Како и да е – референдумот против децентрализацијата и локалната самоуправа не успеа. Со оглед на тоа, од денеска се пишува нова страница во историјата на Македонија.

Скромно, без еуфорија и до некаде замислено Социјалдемократите ја прославија победата. Многу погласна беше владејачката ДУИ која говори за “најголема победа во Макаедонија“: Сонот да се живее во заедничка мултиетничка држава, се исполнил. Мудроста и граѓанскиот разум победиле.

Но, како понатаму? Во Охрид започнатиот процес на помирување ја издржа и оваа проба. Сепак ќе биде потребно да се направи многу за да се отстрани недовербата и да се пополнат длабоките јазови меѓу двете народни групи. Тешка работа значи им претстои на оние кои од странство најгласно укажуваа на опасноста од позитивен резултат на референдумот. Нивните политички и стратегиски цели се важни, но исто така е важен и мирот во Македонија. Тука имаат одговорност како Американците така и Европејците, кои токму на примерот на Македонија последниве денови повторно ненадејно покажаа дека следат заеднички цели во својата балканска политика.

Мирот во земјата меѓутоа не зависи само од надворешното влијание. Македонија се одлучи за мултиетничка и толерантна држава. Но, тоа може само тогаш да профункционира ако секој е подготвен да ја преземе одговорноста за целината.

Вака погледнато вревата околу референдумот сепак се исплатуваше. Луѓето се одлучија да си ја кажат маката и да дадат сигнал. Сега барем се знаат аргументите. Останува да се надеваме дека дијалогот меѓу народните групи барем ќе се води посвесно.

Еднаш за заедништво, еднаш за поделба... народите во Македонија живеат според својот сопствен внатрешен ритам, што луѓето од надвор не секогаш можат да го разберат. Па така, и покрај тоа што понекогаш се говори за поделба, не треба да се заборави дека од 1990. година Македонија успешно се справуваше со тешки кризи - и тоа заеднички. Од таму и надежта дека и во иднина ќе биде добро. Но, за тоа е потребна голема чувствителност, разум и државничка мудрост.

Кога ќе фрлиме поглед врз политичката сцена во Македонија нигде не е на повидок партија која ги заслужува овие атрибути. Најсилната партија во владината коалиција, СДСМ издржа до референдумот и се прикажуваше како единствена, но сега и престојат важни внатрешно политички одлуки што би можеле да ја ослабат. Опозицијата од македонскиот табор, пак, е раскарана како никогаш до сега. А албанските партии кои ги повикаа сите свои избирачи да го бојкотираат референдумот, покажаа согласност во тоа, но и во нивните редови постои голема разлика во ставовите.

Од таму и прашањето што многумина го поставуваат: како понатаму? Веројатно, како што обично велат Македонците: “Како сака Господ."