Реунион: Пронајден дел од авионска врата?
2 август 2015Малезискиот министер за сообраќај Лиов Тионг Лаи на прес-конференција денеска соопшти-авионскиот дел кој изминатава недела беше пронајден на брегот на францускиот остров Реунион во Индискиот Океан, дефинитивно потекнува од Боинг 777. Моментно само еден ваков авион се води за исчезнат, оној на лет МХ370 на авиокомпанијата Малезија ерлајнс. Според Лиов, идентификацијата на авионскиот дел ја вршат француски, експерти од авиопроизводителот Боинг, како и од малезиските воздухопловни служби. Остатокот од авион, што водата го нанесе на брегот на Реунион, синоќа по повеќечасовен транспорт стигна на испитување во Балма кај Тулуз. Таму експертите од в среда ќе ја почнат анализата која треба да разјасни дали остатокот е дел од авионот на Малезија ерлајнс со 239 патници и членови на екипажот, кој мистериозно исчезна од радарите на 8 март 2014 година.
Авионот леташе на својата редовна линија од Куала Лумпур за Пекинг. Малезиските власти сметаа дека според сигналите на авионот регистрирани од сателит, леталото најверојатоно се урнало во јужниот дел на Индискиот Океан. Потрагата по авионот продолжи сите овие 18 месеци, но во јануари годинава Владата во Куала Лумпур сите патници во исчезнатиот авион ги прогласи за починати. Во средата делови од авионско крило беа откриени во реонот на западниот
Индиски Океан, 4.000 километри подалеку од областа каде што се претпоставуваше дека се урнал авионот.
Денеска пак луѓе при прошетка по брегот на Реунион откриле уште еден метален дел. БиБиСи јави дека станува збор за авионска врата, но Скај њуз известува за внатрешен дел чија големина е десет на десет сантиметри на која има кинески и малезиски букви. Дали и тој потекнува од Боинг 777, не е јасно. Од кругови на истрагата во Париз се вели дека пронајдениот остаток е запечатен и ќе биде анализиран.