1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ретките метали не ги јаде инфлација

Ретките метали денес се присутни во голем број производи. Со оглед на тоа што многумина веќе немаат доверба во еврото или доларот, своите пари ги вложуваат во ретки метали. Еден Германец од тоа направи бизнис.

default

Ретките метали побезбедни од еврото и доларот

Работното место на Германецот Александер Хофман е тајно. Се знае само дека се наоѓа некаде во швајцарските Алпи. Во подземниот бункер, затворен со дебели челични врати, фотографирање не е дозволено - од безбедносни причини. Тука Германецот за своите муштерии складира ретки метали: индиум, галиум, тантал или бизмут. Богатство во вредност од, во моментов, 56 милиони евра.

„Се забележува огромно зголемување на бројот на муштерии откако на телевизија почнаа да зачестуваат вестите за кризата. Муштериите сметаат дека вредноста можат да ја задржат преку ретките метали“, вели Александер Хофман.

Вредноста на танталот се зголеми за трипати

Schweizer Flagge und Matterhorn reloaded

Некаде во швајцарските Алпи се наоѓа складиштето на ретки метали

Индиум, тантал или галиум има во речиси сите електронски апарати. Цели индустриски гранки се зависни од снабдувањето со ретки метали, или ретки елементи. Најголеми резерви со ретки метали има во Кина и Африка. Танталот, на пример, е многу баран во индустријата. Тој се употребува при производство на авионските мотори, или пак дихтунзи отпорни на топлина. Но, тој се користи и за секој мобилен телефон. Вредноста на танталот, во рок од три години, се зголеми за трипати, на повеќе од 700 евра за килограм.

Хофман ги добива своите ретки метали од трговецот на големо „Маасен“ од Бон. Тој има одлични контакти во Кина. Без него Хофман не би имал резерви. Трговецот со суровини Гунтер Маасен вели:

„Нашето претпријатие над 60 години негува блиски односи со кинеските производители и трговци. Мислам дека Кина не размислува веќе да не го снабдува Западот со суровини, само што сака прво да го снабди сопственото население.“

Швајцарија, бидејќи обезбедува голема правна сигурност

Хофман знае дека ретките метали често доаѓаат од кризните региони во светот. Складишниот простор е ограничен, но токму тоа го поттикнува бизнисот на Александер Хофман. Зашто неговите муштерии сакаат едно - безбедност!

„Се одлучивме за Швајцарија затоа што таа на муштериите им обезбедува голема правна сигурност. За разлика од другите земји, овде државата не посега по металите. Тоа значи - металите не можат да бидат запленети.“

Местото за складирање е веќе тесно. Александер Хофман има намера годинава да складира ретки метали во вредност од околу 100 милиони евра. Клучевите од новите простории за скаладирање веќе ги има.

Автор: Карл Харенброк/Зоран Јордановски

Редактор: Трајче Тосев