1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Реставрација на „националната“ култура

Далеку од очите на европската јавност, во романскиот секојдневен живот луѓе со комунистичко искуство се’ почесто поттикнуваат „вистинската“ уметност, која ќе искажува национален дух, а не некаква декаденција на Западот.

Андреј Марга во својот живот беше се’, ама пред 1989 година. Беше истакнат претставник на социјалистичкото здружение на студенти. Стана професор по филозофија, но и по падот на социјализмот неговата ѕвезда не згасна. Стана ректор на универзитет, а потоа и министер – најпрво за образование, а потоа и за надворешни работи.

Rumänien Andrei Marga Archivbild 07.05.2012

Андреј Марга е директор на романскиот Институт за култура од септември 2012 година

Во септември 2012 година е именуван за директор на романскиот Институт за култура ИЦР – најважната културна институција во земјата. И само што стапи на новата должност, во разговор за една телевизиска станица, го претстави своето сфаќање на културата во Романија: „Потребен ни е повторно еден природен концепт на културата“. Тоа за него пред се’ значи претставување на достигнувањата на романското потекло, а гледачите конкретно ги потсети: „Колку луѓе знаат дека науката за пештерски животни е основана во Романија? Или дека радијаторот е изум од Трансилванија?“

Иако по таа изјава на Марга многу либерални медиуми го прогласија за „трговски патник за централно греење“, претседателот на националниот Културен институт е доволно важна функција за да може да продолжи со својата политика. Тој објави дека во институтот е „завршено со експерименти“ и дека под негово раководство „конечно“ повторно ќе ги врати „сеопшто признатите и познати дела на националната култура“.

Поддршка од политичкиот врв

Таквата реставрација на национализмот е и идеолошки потполно на линија на владејачката коалиција од три партии. Таа во романскиот парламент располага со двотретинско мнозинство, од чии кругови се слушаат повици да се „прекине со нероманските“ работи и луѓето да се свртат кон традицијата.

Во коалицијата најгласна во своите повици за национализам и против Европа е пред се’ Националната либерална партија, чија членска книшка има и Андреј Марга. Но, поддршка стигнува и од самиот врв, па така и социјалдемократот и премиер Виктор Орбан предупредува на „колонијална политика од Брисел“ и ги повикува граѓаните да се вратат на „романската чест“. Тоа секако дека не му пречи да се претставува во странство како голем Европеец.

Enescu-Festival

Хориј-Роман Патапиевици

Жално е што токму тој национален културен институт до неодамна беше примерна институција на Романија. На негово чело долго време беше филозофот Хориј-Роман Патапиевици, кој успеал таа институција да ја одвои од влијанието на власта и да ја отвори кон новите културни трендови.

Да се замолчат неподобните

Тоа отиде предалеку, па владата на Виктор Понта издаде наредба за „враќање“ на тој институт под целосен надзор на парламентот. Тоа го натера Патапиевици, во знак на протест, минатиот август да поднесе оставка. Се чини дека владејачката коалиција токму тоа и го сакаше. По неговата оставка, во романските медиуми блиски до власта, започна вистинска хајка против овој интелектуалец. Го нарекуваа „расипник“ и „измамник“. Кога на челото на таа институција дојде послушникот Марга, почна и чистка меѓу персоналот во институтот кој можеби се’ уште би можел да размислува како и поранешниот шеф.

„Се чистела“ и програмата која ќе ја поддржи таа национална културна институција. На многу проекти, па дури и фестивали кои привлекувале меѓународно внимание, е откажана поддршката и паричната помош. Наместо тоа, Марга се сети на национални „величини“, како што е писателот Думитру Раду Попеску – фален уште за време на комунизмот, претседател на Здружението на писатели за време на Чаушеску и своевремено дури и член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Романија.

Скандал во Париз

Писателите во Романија добро се сеќаваат кој и што е Попеску, што неодамна доведе и до скандал на саемот за книги во Париз. Оваа година земја-партнер беше Романија и тамошниот национален Културен институт, па затоа цела низа писатели и романски интелектуалци ја откажаа посетата на Париз поради „официјалната културна политика на нивната земја“.

Das Haus des rumänischen Komponisten George Enescu

Куќата на Жорж Енеску се распаѓа и служи за складирање компири

„Владејачката коалиција го уништи Културниот институт со мешавина од национализам, популизам, некомпетенции, клиентелизам и глупости. Под раководство на Марга институтот повторно стана служба која одлучува за тоа што во современата романска култура е ’национално’, а што не е“, вели поранешниот директор Патапиевици.

Така според новиот шеф за композиторот Жорж Енеску нема време ниту пари. Неговиот портрет е на банкнотата од пет леи, но не постои негова целосна збирка на дела. Куќата во која Енеску живеел денес се распаѓа и служи како магацин за компири. Дури не е ниту прогласена за споменик на културата.

Такви примери има многу – од дела на скулптори кои пропаѓаат, до дворци и стари имоти кои се оставаат да се распаѓаат. Публицистот Сорин Серб вели дека „во културната политика веќе долго се чувствува политизација. Илјадници интелектуалци во последните години заминаа од Романија. Ги избрка економската криза, но и незнаењето кое е издигнато на ниво на институција“. За директорот Марга, на кого се однесува оваа забелешка, неодамна е откриено дека соработувал и со романската тајна служба Секуритате, шпиунирајќи ја Кетрин Верди, американски антрополог, која во седумдесетите и осумдесетите години на минатиот век престојувала во Романија.