1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Реслер: Грција тешко ја прифаќа германската помош

Разочарувачки е грчкиот неуспех да ја прифати помошта за кратење на бирократијата и поттикнувањето на приватните инвестиции, оцени германскиот министер за економија Филип Реслер.

Германија минатиот октомври вети советување на Грција за враќање на економијата на свои нозе, за земјата да има шанса да се справи со долгот. Договорот падна за време на посетата на Реслер на Грција, како предводник на 70-члената делегација од германската индустрија.

„Помошта е тешко прифатена, а тоа е многу разочарувачко“, вели денеска (08.03)министерот Реслер за весникот „Саарбрикер Цајтунг“. Во текстот се цитира извештајот за напредокот на договорот, подготвен од министерството за економија, и во него се вели дека „е јасно оти имплементацијата не е приоритет на грчката страна“. Германските компании се соочиле со потешкотии, како мноштво процедури за одобрување, како и нејасна одговорност. Реслер вели и дека е разочарувачки што некои германски компании, кои претходно имале бизнис со Грција, се’ уште не се исплатени.

Забелешките од германскиот министер стасаа пред петочниот (09.03) состанок на министрите од еврозоната, кога треба да се одлучи дали ќе се пушти помошта во висина од 130 милијарди евра, иако тие претходно постигнаа согласност за пакетот помош.

Deutschland Griechenland Philipp Rösler Michalis Chrysochoidis

Филип Реслер (л.) и грчкиот министер за развој Михалис Хрисохоидис за време на посетата на германскиот министер на Атина во октомври 2011 година

Истекува рокот за договор со приватните инвеститори

А, денеска истекува рокот за потпишувањето согласност за понудата за реструктуирање на грчкиот долг. Еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен вчера ги повика приватните инвеститори да го искористат рокот до денеска, затоа што условите нема да се подобрат, а алтернативата е многу полоша. Сопствениците на обврзници, кои во свои раце држат 206 милијарди евра од грчкиот долг, треба да прифатат замена на старите со нови обврзници и да прифатат номинална загуба од 53,5 проценти. Грчките власти очекуваат успех на договорот со приватните инвеститори.

„Информацијата што ја имаме до сега е позитивна“, рече владиниот портпарол Јанис Ставропулос.

Договорот е клучен за отворање на новиот пакет помош. Ако приватните инвеститори прифатат да загубат поголем дел од своите пари, тогаш грчкиот долг ќе се скрати за 107 милијарди евра.

Автор: Александар Методијев /ројтерс/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска