1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

„Република“ - сон за македонска независност

Појавата на весникот „Република“ во август 1991 беше знак дека почнува македонската политичка пролет, вели основачот, писателот Јордан Плевнеш. Го забранија оние кои денеска се прават најголеми демократи, тврди тој .

default

Јордан Плевнеш, еден од основачите на „Република“

Јордан Плевнеш е познат македонски писател со интернационално реноме, автор на дела кои се објавени и изведувани во над педесет земји. Пет години беше македонски амбасадор во Франција и УНЕСКО и човек кој во 1991 година, со група истомисленици, го основа првиот независен дневен весник:

„Во моите архиви во Париз најдов една мисла на Јордан Хаџи Константинов-Џинот за ’Цариградски весник’, кој го основал во половината на деветнаесеттиот век: ’Само псалтирот да не престанит - дури и сонцето можит да престанит’. Кога го прочитав ова во книгата ’Историја на македонскиот печат‘ на Боро Мокров, во која се спомнувани бројни македонски весници на македонската интелигенција основани во Санкт Петербург, Москва, Париз , Женева, во Прага, Милано Лозана, бев инспириран како писател, имав само триесетина години . Таа година се случи и изведбата на првата македонска драма „Еригон “ во театарот на Корнеј и Молиер , која јас ја напишав како една одисеја на македонската историја и во истата таа година се прогласи македонската независност.“

„Република“ - ластовичка на македонската политичка пролет

Првиот број на „Република“ беше знак за раѓањето на македонската политичка пролет, вели Плевнеш:

Jordan Plevnes Schriftsteller aus Mazedonien

Весникот траеше само 163 дена и толку време Македонија се плашеше од самата себеси, вели Плевнеш денес

„Република“ беше првата ластовица на македонската политичка пролет. Таа траеше само 163 дена и толку време Македонија се плашеше од самата себеси . Таа имаше голем број закани дека треба да биде засекогаш ликвидирана од пејзажот. Тоа обично го правеа луѓе кои денеска се претставуваат како најголеми демократи во Македонија, а тогаш беа обични ликвидатори. Но, јас нема да ги спомнувам нивните имиња бидејќи сум хуманист. Инаку, можат да бидат пронајдени сите текстови напишани од денеска големите колумнисти на левицата и десницата, денеска универзитетски професори кои тогаш беа министри за информации , полиција ... ’Република’ беше една европска форма на континуитет на македонската меморија, македонскиот идентитет. И тие 163 дена беа голема победа, во Македонија се случи првиот независен дневен весник ’Република’.“

Весникот имаше голема поддршка од дијаспората

Концептот и првата поддршка доаѓаше од Франција, се сеќава Плевнеш :

„Имавме голема поддршка и од македонската дијаспора од Австралија, Канада, Америка. Целиот тој чин беше базиран на ентузијазам, на идејата на духовното поврзување на македонската преродба со можноста да се проговори после идеолошката затвореност од неколку децении, да се проговори со јазикот на политичката слобода на европските демократски светови.“

Како и зошто згасна „Република“ ?!

Mazedonien - Land und Leute

Македонија е се‘ уште на пат на остварување на историската мисија

Во тоа време требаше да се освои слободата на говорот. Не‘ притискаа и весникот згасна, вели Плевнеш :

„Прво беше исфрлен од печатницата „Нова Македонија“. Потоа една мала печатница од Куманово почна да го печати. Направија блокади на сметките и на печатницата и на новинарите и ние останавме на улица. Тоа е историски факт. На осми или деветти март 1992 година излезе мојот текст во ’Монд’. Тоа беше прв текст објавен во овој весник на еден македонски интелектуалец, во кој стоеше ’Народот фантом’. Ми испратија шестмина полицајци како ’Република’ да ја загрозува иднината на Македонија, а ние бевме сонувачи за историјата.“

Во медиумите се мешаат идеите за политичка превласт и духовна слобода

Дојче веле го праша Плевнеш - се оствари ли сонот за независност на Македонија ?

„Се’ уште не успеваме во тоа, но на пат сме да ја оствариме таа историска мисија. Честопати во информативните медиуми се мешаат идеите за политичка превласт и духовна слобода. Тие не одат заедно. Политиката се занимава со манипулација, а духовната слобода со анализи. Доаѓа време кога во македонскиот информативен простор ќе се врати сјајот на историските, политичките, социјалните анализи, а не на политичките манипулации.“

Плевнеш очекува оваа година неговиот текст „Р“ да се игра во театарот „Мајаковски “ во Москва, со што, како што вели, продолжува неговата одисеја во уметноста.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска