1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Репродукцискa треска во Македонија

Зголемување на наталитетот не се постигнува со кампањи и ергенски даноци, туку со сеопфатна популациска политика, велат демографите. Тие се согласни дека рецесијата на нацијата е резултат на рецесијата на економијата.

default

Наталитет, фертилитет, репродукција... Тоа се најспомнуваните термини во последниот месец во Македонија, откако премиерот Никола Груевски посочи фрапантни статистички податоци дека во последните 50 години бројот на новородени деца во Македонија е двојно намален - од 50 илјади на 22 илјади.

Тоа беше повод да тргне лавина различни предлози за решавање на проблемот, но повеќе естрадни, отколку стручно фундирани. Поради негативни реакции во јавноста, лидерот на партијата ТМРО, Ванчо Шехтански, експресно го повлече својот предлог за воведување „ергенски данок" за мажи над 35 и за немажени жени над 30 години. Но, со тоа не запре и бранот активности за подигнување на репродукциската свест кај граѓаните. Десетина граѓански организации обединети во здружението „Коалиција за живот" ќе организираат марш со цел да го кренат гласот против зголемениот број разводи, намалениот број живородени деца, изумирањето на цели градови и села и зголемување на свеста за важноста на бракот.

Mazedonien Land und Leute Mutter mit Kind in Skopje

Демографите бараат сериозна популациска политика

„Денес семејните вредности се во криза, но да се обидеме да го вратиме изгубеното - верба во традиционалните вредности и перцепцијата за важноста на семејството", порачуваат од „Коалицијата за живот".

Пребројување на нацијата

Начинот на кој медиумски почна да „се решава" проблемот со наталитетот, наидува на потсмев кај стручната јавност. Жарко Трајаноски, експерт за човекови права, вели дека нема ништо позастрашувачко од тоа кога ќе почне пребројувањето кој колку деца има, проследено со медиумски кампањи за „здрава нација".

„И во најтрагичните моменти не треба да ја губиме смислата за хумор. Одбивам критички да дебатирам на темата 'рецесија на нацијата' исто како што премиерот одбива да зборува на тема 'рецесија на економијата'. Откако ги загуби сите клучни битки - против сиромаштијата, против невработеноста, за зголемување на животниот стандард, за влез во ЕУ и НАТО со уставното име, сега не' убедува дека клучната битка е под 'јорган планина'. Но, како ќе не' предводи во таа битка кога ни тој, ни неговите министри ја немаат исполнето 'преродбеничката норма' за трето дете", прашува Трајаноски.

Deutschland Bevölkerung Kleinkinder in einer Kita

Во последните 50 години бројот на новородени деца во Македонија е двојно намален

На социјалните мрежи постои вистински натпревар во креирањето шеговити слогани за кампањите за мотивирање на репродукцијата, што го одразува доминантно негативниот став кон државното планирање на наталитетот.

Популациска политика

На демографите не им е до шега. Тие потсетуваат дека падот на наталитетот и на природниот прираст постои две децении, но нема систематски пристап кон решавање на тој проблем. Во минатото се запоставувал, а сегашната власт се занимава со него, но на погрешен начин.

„Додатокот за трето, односно за четврто дете, на пример, не може да даде ефект во пелагонискиот регион каде што има депопулација-негативен природен прираст. Во најголем број од селата во тој регион речиси и нема жени во фертилен период, кои можат да раѓаат, па за таму би биле соодветни други мерки - за заживување на селата", вели професорката Верица Јанеска од Економскиот институт во Скопје, експерт за демографија и миграции.

Социјалните работници подолг период предупредуваат дека додатокот за трето дете од 8.000 денари во траење од десет години, може да биде значаен финансиски поттик само за сиромашните, но не и за богатите. Токму поради тоа, демографите укажуваат дека на земјата и' е неопходна сеопфатна популациска политика, а не сегментарни мерки.

„Земјите што имаат осмислени популациски политики успеваат да го задржат нивото на наталитетот, наспроти тврдењата дека демографската рецесија е глобален проблем", вели професорот Славе Ристески од Економскиот факултет во Скопје.

Демографите се согласуваат дека рецесијата на нацијата е резултат на рецесијата на економијата. Токму поради неа, во последните 10 години од Македонија се иселиле околу 100.000 граѓани, од кои 70 отсто на возраст од 24 до 48 години. Денес тие се родители, но во некои други земји.