1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Реприза на големото финале од Вембли

Бајерн Минхен и Борусија Дортмунд ја отвораат сезоната во Бундеслигата со пресметка за германскиот Суперкуп. Репризата на големото финале од Лигата на Шампионите ќе се игра во Дортмунд

Победата на Бајерн од 2:1 на Вембли значеше историски успех за баварците кои на тој начин станаа првиот клуб кој во иста сезона ги обединил титулите во домашното првенство, националниот куп и Лигата на шампионите. За Борусија мечот не е одмазда, туку чекор понатаму.

„Ова нема да биде одмазда за Вембли“, вели дефанзивецот на Борусија, Матс Хумелс во пресрет на мечот. „За нас тоа ќе биде добар тест за да знаеме до каде сме, но нема да се мотивираме врз основа на поразот во Лондон“.

Иако новата бундеслигашка сезона стартува на 9 август, мечот воопшто не е без натпреварувачко и психолошко значење. Многу нешта се сменија во двата клуба од мајското финале. На местото на Јуп Хајнкес на клупата на Бајерн седна Пеп Гвардиола, а тимот го засилија и Тиаго од Барселона, како и големиот германски талент Марио Геце, токму од Бајерн.

Дортмунд потпиша со талентираниот напаѓач Патрик Аубамејанг, и го урна сопствениот трансфер-рекорд со ангажманот на Ерменецот Хенрик Михитарјан. Но, обајцата се повредија во подготвителниот период, па нема да настапат пред распоредадениот стадион во Дортмунд, на кој се очекуваат 80 илјади луѓе.

Двата клуба ги поделија меѓусебе последните четири титули во Бундеслигата, а интересот за мечот е голем и во меѓународни рамки, откако целосен или делумен пренос најавија 195 земји.

За разлика од Дортмунд, Бајерн е со целосен состав. Прваците со леснотија победија на деветте пријателски средби во подготвителниот период, а последна жртва беше тимот на Барселона која беше совладана со 2:0 во средата.

Ривалството меѓу двата клуба е огромно, но во раководствата тврдат дека тензиите сега се смирени, по ескалацијата во април годинава, откако беше соопштено дека Бајерн потпишал договор со Марио Геце.