1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Репрезентацијата е чест, а Вардар остварена желба

Остоја Стјепановиќ е име кое ужива почит кај македонската фудбалска јавност. Неодминлив играч за врска е во составот на Вардар. Со стартот на квалификациите за СП редовно е на списокот на селекторот Јаневски.

Плејмејкерската улога е специфична, одговорна, достапна само за комплетни фудбалери. За Стјепановиќ, тоа е место во играта, кое го посакувал уште со првите свои фудбалски чекори:

„Од секогаш се трудев да играм на што поголем простор од теренот. Најсреќен сум кога им овозможувам на моите соиграчи да постигнат гол, иако во последно време на асистенциите се почесто придодавам и свои голови. Инаку, плејмејкерската улога е комплексна, но јас ја доживувам само како дел од нашата игра, како мој личен придонес во тимот како целина.“

Лидерската улога во играта на Вардар му ја отвори вратата и на репрезентацијата на Македонија. Дали е ова највпечатливиот период во кариерата на Стјепановиќ?

„Со доаѓањето во Вардар пред една и пол година јас ги доживувам најубавите мои фудбалски моменти. Круна на мојата работа во овој период сепак е изборот на селекторот Јаневски. За секој спортист врвот на кариерата е репрезентативниот дрес. Македонскиот дрес го носам со голема чест, ме поттикнува да играм што подобро, да го заслужувам и во иднина.“

Неуспешен трансфер во Партизан

Стјепановиќ е роден во Скопје. Фудбалски „прооде“ во школата на „Македонија“

Ailton

од Ѓорче Петров. Како младинец имаше многу ветувачки, висок лет со репрезентативен стаж во сите младински селекции. Што се случи подоцна, како сениорски репрезентативец да биде „препознаен“ дури на 27 години?

„Неколку работи влијаеја! Многу млад отидов во Белград, во Партизан. Брзо потпишав професионален договор, но не се изборив за место во тимот со посериозна минутажа. Наиде период кога бев позајмуван во други клубови, а јас тврдоглав по природа бев упорен да докажам дека имам квалитет да заиграм во Партизан. Така, се случи да потрошам неколку години со „лет во место“. Партизан остана неостварена желба! Уследи трансфер во белградски Чукарички, а потоа и успешна сезона во дресот на австрискиот Матерсбург,...! Чувствувам и лична вина што премногу им верував на одредени луѓе од моето фудбалско опкружување, па настана „вакуум“ во репрезентативната кариера.“

Само две имиња од клубовите во македонската лига го носеа дресот на „А“ репрезентацијата на Македонија во натпреварите против Белгија. Тоа се Стјепановиќ и голгетерот на Хоризонт Турново, Блажевски. На прашањето, дали е ова реална слика за квалитетот на играчите во домашното првенство, Стјепановиќ вели:

„Македонија има добри фудбалери, расадник е на таленти, но условите во кои се развиваат и во кои се одвиват натпреварите имаат свој одраз. Според мене, сликата од македонското првенство, не е премногу афирмативна и придонесува и за една ваква состојба , мал број домашни играчи да бидат повикувани во репрезентацијата.“

Потребно е време, резултатите нема да изостанат

Репрезентацијата на Македонија по двата порази од Белгија се збогува со какви и да било мондијалски амбиции. Во преостанатите 4 натпревари од групата предстои битката за што подобра резултатска сатисфакција:

„Не знам како било порано,зборувам за ова време во кое сум дел од државниот тим. Уште со стартот на квалификациите за СП, во репрезентацијата се чувствува позитивна енергија. Мислам дека и навивачите тоа го препознаваат. Не краси заедништво, живееме како семејство.Треба малку стрпливост, верувам дека со играта која ја имаме и резултатите ќе дојдат.“

Вардар го враќа стариот сјај

Вардар е во моментов поведрата тема. Води во првенството на Македонија, со

Mazedonien Fußballnationalmannschaft

Македонската фудбалска репрезентација

добри шанси е да ја одбрани ланската титула. Стјепановиќ е сигурен дека Вардар е на добар пат да го врати некогашниот сјај:

„Само пред една и пол година Вардар беше речиси на дното, но најде сили за кусо време да се врати на врвот од македонскиот фудбал. Минатата година беше блиску да заигра и во Лигата на шампионите. Европа и натаму останува наша голема желба. Свесни сме дека се потребни значително повеќе средства, дека треба да се подобрат условите во кои тренираме, но верувам дека времето работи за Вардар. Инаку, лично јас во Вардар се чувствувам феноменално. Тоа е клубот за кој како дете навивав, а сега го носам неговиот дрес. Дрес во кој најчесто победнички ги завршувам натпреварите.“

Вардар му е во срцето, „црвено-црниот“ дрес е неговата реалност денес. Но, фудбалските патишта се непредвидливи. Може ли и вардаровиот плејмејкер наскоро да го однесат надвор од границите на Македонија?

„Договорот со Вардар ми завршува во јуни. Сакал или не, во години сум кога морам да размислувам за мојата иднина. Да бидам искрен, во јануари имаше неколку понуди да заминам од Вардар, но заеднички со клупското раководство мислевме дека е најпаметно да ја завршам сезоната тука, да помогнам во настојувањата да триумфираме и во првенството и во Купот на Македонија. Би бил многу среќен ако ова се реализира.Така, задоволен со исполнети цели и мои и на клубот,би зачекорил во нова етапа од мојата фудбалска кариера“, за Дојче веле зборува најдобриот играч на Вардар, Остоја Стјепановиќ.