1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Рент а галерија“ во Келн

Луѓе изнајмуваат велосипед, автомобил... , а од неодамна, во Келн може да се изнајми и галерија! Идејата потекнува од САД, од Њујорк и Вашингтон. Во Европа ова е единствен проект.

default

Во Европа ова е единствен проект, тој треба да му помогне на Келн, градот на уметноста, повторно да застане на нозе, по ударот што му го зададе финансиската криза. Имено, се‘ повеќе галеристи го напуштаат градот, заминувајќи за Берлин.

Мразот го проби „Галерист“ од Истанбул

На екраните, закачени на црно обоените ѕидови, се гледаат сцени од пазарот во Истанбул. Инсталацијата на Ергин Кавусоглу ја претвори галеријата во црна кутија. Галеријата „Галерист“ од Истанбул е прв изнајмувач на просториите, во кои изложува дела на уметници кои живеат во Лондон.

Rental Gallery Köln

Директорката на „Галерист“, Мерве Јесилада веднаш беше одушевена што може да изложува во Келн: „На саемите на уметноста е важен само комерцијалниот момент. Човек има само неколку денови на располагање. Но, овде може да се организира вистинска изложба, уметниците можеме подобро да ги претставиме. За нас ова е добра можност, многу подобра отколку штанд на саем на уметноста“, вели Јесилада.

Едноставен рецепт

Концептот на галеријата на изнајмување звучи сосема едноставно: галеристите од цел свет имаат шанса за кирија од 1500 евра цел месец да изложуваат во Келн. Кому ова му е прескапо, може да се здружи со уште некој колега. Така, „Галерист“ од Истанбул ги дели просторите од 270 метри квадратни со една галерија од Атина, „Бридер“. Сопственикот, Џорџ Лукабетус, изложбата во Келн ја гледа како шанса за склучување нови контакти: „Во Келн живеат многу луѓе кои се интересираат за уметноста, затоа се` уште има многу колекционери“, објаснува тој.

Идејата за основање галерија за издавање потекнува од галеристот Кристијан Нагел. При изборот на „кираџии“ тој внимава: „Дали се тоа луѓе кои учествуваат на меѓународните саеми, дали уметниците кои ги претставуваат се признати, дали се успешни или анонимци. Затоа во Келн носиме само професионални галерии“.

Почеток на обновата во културата

Rental Gallery Köln

Градот Келн ја поддржува галеријата за изнајмување со 50 илјади евра годишно. За Келн, таа е `ркулец на обновата, а градот се надева дека со вакви иницијативи ќе се сопре егзодусот на уметничката сцена, отселувањето во други градови. Но, ситуацијата во Келн засега не изгледа толку лошо. Интересот за гелеријата за изнајмување е голем. Досега конкурирале 30 трговци со уметнички дела, пред се`, од Европа.

Кристијан Нагел: „Со релативно големо задоволство констатирав дека Келн се` уште нешто значи и вреди. Не може да се констатира дека се` е во Берлин, но како инсајдер, мора да внимавате работите да не тргнат уште полошто.“

Затоа некои гелеристи основаа „Здружение за спас на уметничкиот центар Келн“.

Комфор на завидно ниво

Галеријата за изнајмување во Келн на сите заинтересирани им нуди секакви удобности. Гостите доаѓаат, без да влезат во голем финансиски ризик. А на трговците со уметнички дела на располагање им стојат комплетно опремени простории за изложби, со компјутер, факс, телефон и дури и асистент, кој доаѓа во пакет со галеријата. Тоа е студентот по уметност, Даниел Милер, кој меѓутоа мора секој месец да се приспособува на нов шеф: „Токму тоа ме интересира, меѓународната размена, а со неа и можноста за остварување контакти. Така човек на посебен начин навлегува во професијата. Ме радува што можам да работам овде.“

Економската криза не му оди во прилог на проектот. Галеристите мора да штедат. Но, ваква добра можност многумина од нив не сакаат да пропуштат, објаснува Кристијан Нагел: „Од една страна, никој не сака дополнителни трошоци. Од друга страна, просторијата е поволна и гарантира изложба која, според трошоците, е поевтина отколку претставување на саем. Истовремено, мора да се каже дека Американците се многу воздржани, оттаму нема никкави барања за изнајмување на галерискиот простор.“

Автор: Сабине Елце / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM