1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ренесанса на тоталитарните идеологии кај младите Грци

На изборите на 6. мај големите грчки народни партии ќе се соочат со лоши резултати . Можат да профитират партиите кои се против курсот на штедење.

Двете најголеми партии, конзервативната Нова демократија на екс-министерот за надворешни работи Андонис Самарас и социјалистичката Пасок на Евангелос Венизелос, според анкетите, би биле среќни ако освојат заедно 40 проценти гласови. Но, Манолис Мавроматис, спортски репортер, поранешен европски пратеник, а сега кандидат на Нова демократија во Атина, е многу пооптимистички расположен:

„40 проценти за двете народни партии, во тоа не верувам во никој случај. Тоа би била катастрофа, во таков случај би било неможно управувањето со Грција и тоа во еден од најтешките моменти од нејзината историја“, предупредува конзервативниот политичар.

За него анкетите се само моментна состојба, партиската база навреме ќе биде анимирана. Мавроматис предвидува над 30 проценти за Нова демократија и покрај мрачните прогнози.

Antonis Samaras

Андонис Самарас

Вајмарски односи во Грција?

Тоа не е неможно. Демоскопите и така прогнозирањето го сметаат за исклучително тешко, зашто над 30 проценти од испитаниците не се изјаснуваат за кого ќе гласаат. За двете најголеми грчки партии изборната дилема е недвојбено јасна: Грците ќе ги изберат про-европските сили и ќе го продолжат почнатиот курс на штедење или пак ќе ја стават на коцка иднината на земјата, давајќи го гласот на т.н. партии на протестот.

„Несериозно е она што го истакнуваат т.н. протестни политичари на транспарентите“, вели разгневено Мавроматис.

Еден сака да го прекине враќањето на грчките кредити, друг веднаш би истапил од ЕУ, трети пак се за еврото, но против мерките за штедење. На ваков начин не е можно да се живее во Европа.

„Не може да се позајмат 130 милијарди евра без да се пружи нешто за возврат“, вели Мавроматис.

Единаесет партии имаат оправдани надежи за влез во парламентот. Коментаторите затоа предупредуваат од „Вајмарски односи“ во Атина, зашто левичарските и десноекстремните партии сакаат да профитираат од широкорасространетиот бес поради политиката на штедење и рекордната невработеност.

Освен тоа, досега упорно беше потиснувано прашањето за одговорноста за економската мизерија на земјата, вели познавачот на пазарот и политичкиот аналитичар Јанис Анастасакос. Затоа изборите нудат прилика за пресметка со етаблираните партии, кои ја уништија Грција на економски план во изминатите 40 години. Но, во тоа сосем невини не се ни гласачите, предупредува експерѕот.

Десните радикални можат да обезбедат место во парламентот

„Од пред 40 години земјата пропаѓа во еден вид партизирана демократија, во која сите институции и контролни инстанци се присвоени од партиите“, се жали Анастасакос. Врз оваа основа се создаде економија базирана врз непотизам и врски во мерки надвор од нормалата, која по пристапот во ЕУ на земјата е потхранувана со евтините кредити. Сето тоа сега се одмаздува: партиските политичари мораат да стравуваат од гневот и очајот на своите сопствени клиенти, зашто системот во криза веќе не функционира.

Griechenland Finanzkrise Regierungssitzung in Athen Finanzminister Evangelos Venizelos

Евангелос Венизелос

Анастасакос во 80-те години студирал во Франција и се ангажирал во тамошната Социјалистичка партија. Посебно го погодува што на голем прием наидува токму десносекстремната група Хриси Авги. Според анкетите, десните радикали можат да освојат до шест проценти од гласовите и прват да влезат во парламентот.

„Тие дојдоа за да останат“, стравува атинскиот политички експерт.

Народните партии се борат за своите гласачи

„Речиси се срамам да го изречам тоа: висок рејтинг десните екстремисти како Хриси Авги или левите радикали имаат токму кај младите избирачи под 25 години. Изгледа како тоталитарните идеологии на 20-от век да доживуваат ренесанса кај младите грчки гласачи“, револтиран е Анастасакос. Важна причина за подем на десничарите е и неспособноста на народните партии да се справат со проблемот на илегалното доселување. Кратко пред денот на изборите народните партии особено офанзивно настапуват кај гласачите со економскополитички теми, според стариот и испробан рецепт. Конзервативецот Адонис Самарас најавува намалување на даноците и нови прегвоори за тековните кредити, додека социјалистот Евангелос Венизелос ветува дека нема воведување нови даноци од јуни натаму. Само премиерот на преодната влада Лукас Пападимос на двајцата разубавувачи на состојбите им ја мати сметката - во писмо до партиите поранешниот шеф на Европската централна банка потсетува на мерките за штедење кои треба да бидат применети непосредно по изборите, вклучувајќи и кратење на платите, зголемување на даноците и отпуштања во јавната администрација.