1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ренесанса на пазарот на труд во Европа?

Прво добрата вест: бројот на вработени во еврозоната го надмина оној од пред кризата. А сега лошата вест: реално, така е во Германија и во неколку земји, а апсолутниот број на невработени- порасна.

„Достигната е пресвртница“, изјави Бернхард Лоренц од консултантската агенција ЕЈ (Ernst & Young), автор на студијата за развојот на пазарот на труд во еврозоната од 2007 година и прогноза за годината која завршува и за 2018 година. Веќе сега е постигнато да има повеќе вработени отколку што имаше пред избувнувањето на кризата, а одлично ќе продолжи и натаму. За 2018 година економските стручњаци од агенцијата предвидуваат отворање на уште 1 милион и 800.000 нови работни места, така што проблем ќе биде да се најде доволен број стручна работна сила.

Но, како што е обично во економските статистики каде „во просек“ некако секогаш излегува дека баш сите сме милионери, така и за оваа статистика пред сѐ е заслужна- Германија. Всушност во само 3 земји од еврозоната реално падна невработеноста: во Германија и едвај забележливо во Словачка и во Малта. Во апсолутни бројки бројот на невработени во еврозоната од 2007 до 2016 година е дури поголем за цели  4 милиони и 530.000 лица.

Трендот е сепак- позитивен

Овој парадокс дека во моментов има и повеќе вработени и повеќе невработени се толкува со фактот оти едноставно има повеќе лица кои денес сакаат да работат. Не станува збор само за мигранти- а ова се статистики кои ги опфаќаат и мигрантите од ЕУ но и од земјите надвор од еврозоната- туку на пазарот на труд има и многу повеќе жени отколку што имаше во 2007 година, бидејќи во многу семејства стана преголем луксуз да работи само еден член.

Сепак, економистите од ЕЈ укажуваат дека состојбата не е толку лоша, бидејќи вкупниот тренд всушност е позитивен. Во апсолутни бројки, значи според реалниот број на невработени Шпанија е на далечното прво место (2016година- 1.806.000 невработени), но токму оваа земја од ЕЈ ја истакнуваат како исклучително поволен пример за подобрување каде уште минатата година стапката на невработеност беше 19,6 насто, годинава падна на 17,2 отсто, а за наредната година стручњаците очекуваат оти во земјата ќе се отворат уште околу 400.000 работни места, што е повеќе отколку што се очекува и за Германија. Всушност- прогнозата за Шпанија е многу подобра, бидејќи Шпанија има 46,5 милиони жители, а Германија 82,6 милиони.

Пазарот на труд некаде е испразнет

Економските стручњаци од ЕЈ всушност се надеваат оти наредната година би можела да биде уште подобра од нивните прогнози ако се реализираат амбициозните планови на францускиот претседател Макрон, така што и во оваа земја закрепнувањето ќе биде побрзо отколку што сега може да се очекува. Дотогаш, Германија останува примерен ученик: тука во последните десет години, создадени се речиси четири милиони работни места, на економијата ѝ оди добро.

Но, Лоренц предупредува: „Пазарот на труд, на пример, за дипломираните и стручњаците во одредени професии на многу места е испразнет.“ Тука Германија треба да види како ќе дојде до работната сила која ќе ѝ биде потребна, особено ако економијата се подобри и во другите европски земји. Тогаш веќе нема да биде доволно само доброто образование, туку ќе бидат важни и полиберални прописи за доаѓање на странска работна сила во земјата, смета овој економски стручњак.