1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ренесанса на американско-германските односи?

Канцеларката Ангела Меркел во Вашингтон, од претседателот Барак Обама треба да го добие највисокото цивилно признание на САД. Во придружба на канцеларката, за време на посетата на САД, се и петмина министри.

default

Ќе има ли почесто насмевки? Обама и Меркел на групната фотографија при самитот на НАТО

Официјален Берлин е многу задоволен што посетата на канцеларката Ангела Меркел во Вашингтон се третира со највисоки почести, иако таа не е претседател на држава. Највисоките воени почести и државниот банкет со преку 250 угледни гости претставуваат големо внимание од американската администрација, по кое Берлин копнее. Германската влада се најде, имено, на маргините на меѓународната политика по воздржувањето околу воениот ангажман во Либија. Официјален Вашингтон не го криеше незадоволството од таквиот курс на Берлин.

Подобрување на односите

G20 Seoul Barack Obama Angela Merkel

Билатерална средба Меркел - Обама на самитот на Групата Г20 во Сеул, минатата година

Уште пред спорното позиционирање на Германија околу либиската криза, односите меѓу Вашингтон и Берлин изгледаа стабилни, но премалку динамични. Цели двеипол години по доаѓањето на Барак Обама на власт, патиштата не го доведоа во Берлин. Германската влада беше исфрустрирана од фактот што Обама при посетите на Европа секогаш го заобиколуваше Берлин. Утехата од претходните посети на Дрезден и Баден-Баден полека се истенчи. Затоа е повеќе од сигурно дека Меркел деновиве во Вашингтон и официјално ќе го покани Обама да дојде во Берлин, а исто така и дека угледниот гостин ќе ја прифати и реализира поканата во догледно време.

Теми од заеднички интерес

Надвор од сите протоколарни почести, за канцеларката Меркел најважен е фактот што Обама овие два дена ќе одвои многу време за разговорите со неа. Двајцата државници имаат и голем број теми од заеднички интерес, како што се промените во арапскиот свет, на Блискиот исток и во Авганистан. Но, на дневниот ред ќе се најдат сигурно и финансиската криза во Европа, енергетската политика и билатералната соработка на двете големи економии. Заради широката лепеза на теми, канцеларката со себе поведе дури петмина министри. Тоа се речиси меѓувладини консултации, порачуваат од Берлин, бидејќи и од американска страна на разговорите ќе им се приклучат потпретседателот Џо Бајден, шефицата на Стејт департментот Хилари Клинтон и повеќемина ресорни министри.

Автор: Нина Веркхојзер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска