1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Реми на Баерн по пет последовни победи

Хамбургер изби на второто место во фудбалската Бундеслига. Нерешен исход на дербито Шалке – Вердер. Конечно и Штутгарт победи и ја прекина серијата од пет последовни порази во Бундеслигата и Лигата на шампионите

default

Дуел меѓу Валдес (Борусија, жолт дрес) и Демикелис (Баерн, црвен дрес)

Желбите на Баерн беа поголеми отколку само да остане непоразен на гостувањето кај Борусија во Дортмунд, но во краен биланс тренерот Отмар Хицфелд не е разочаран: “Врз основа на околностите што ги имавме во последните 3-4 денови, задоволен сум и со еден бод”. Хицфелд дообјасни на кои околности мислеше: “Бевме, се разбира, многу заморени од натпреварот во четвртокот во Белград, оти таму условите беа нерегуларни”. Теренот на кој се одигра средбата од Купот на УЕФА, во која Баерн ја совлада Црвена Ѕвезда со 3 спрема 2, не беше соодветен за таков ранг на натпреварување.

Но, Баерн може да биде задоволен од резултатот 0 спрема 0 и според текот на натпреварот во Дортмунд – барем така смета тренерот на Борусија Томас Дол: “Мислам дека денеска, посебно ако се има пред вид второто полувреме, ние можевме – или дури и моравме теренот да го напуштиме како победници”.

Предноста на лидерот на првенството сега е намалена на 4 бодови. Од конкурентите, од развојот на настаните во 11-тото коло, најмногу профитира Хамбургер – и покрај слабата игра, минималната победа во Дуизбург го крена на второто место. “И покрај тоа, морам да му искажам комплимент на тимот – браво, оти со оптоварувањата на кои сме изложени секогаш наново успева да покаже карактер за сепак да се избори за победа” – рече тренерот на Хамбургер, Холанѓанецот Хуб Стевенс. Своевидна потврда на неговите зборови е и изјавата на стрелецот на голот, Белгиецот Винсент Компани: “Имаме голема самодоверба. Но, знаеме дека доверба не ни е доволна, туку е потребна и многу работа. И тоа го правиме секоја недела наново”.

Дербито на колото Шалке – Вердер не донесе победник

“За нас, се разбира, еден бод не е задоволителен резултат оти игравме дома, а секако и поради ситуацијата на табелата. Но, Вердер го заслужи бодот. Мислам дека ова беше добар фудбалски натпревар” – оцени Мирко Сломка, тренер на Шалке, по нерешениот резултат 1 спрема 1 против Вердер во Гелзенкирхен. Со таа оцена се согласи и кормиларот на Вердер Томас Шаф: “Ова беше реклама за фудбалот од страна на обете екипи и обете можат да бидат задоволни”.

Шалке не успеа да ја постигне целта – да ја анулира предноста од три бодови на третопласираниот Вердер; зад Хамбургер заостанува пет, а во однос на водечкиот Баерн дури осум бодови. Пред Шалке, на четвртото место на табелата, со два бода повеќе е и Карлсруе, кој на гости во Росток одигра 0 спрема 0 со Ханза. 18 бодови, колку што има Шалке, има и Хановер на шестата позиција, откако во петокот во Франкфурт во натпревар без голови ги подели бодовите со Ајнтрахт.

Работата на тренерот Феликс Магат почнува да дава плодови - по слабиот старт Волфсбург полека се искачува кон горниот дел на табелата. Победата над Нирнберг со 3 спрема 1 му ја обезбеди седмата позиција, иако по 16 бодови имаат и Херта, која забележа победа над Бохум со 2 спрема 0 (и пропушти притоа уште неколку шанси за гол), и Ајнтрахт. “Ова покажува дека нашиот развој веќе оди напред – и тоа не само на играчки план, туку и на ментален и поради тоа денеска сум повторно задоволен” – вели Магат.

Победа на Штутгарт – крај на “црната" серија

На 10-тото место на табелата е Баер од Леверкузен, во ова коло поразен на гости во Штутгарт со 1 спрема 0. За бранителот на титулата Штутгарт победата беше повеќе од потребна по серија од пет порази во првенството и во Лигата на шампионите. “Знаеме дека мораме да ги вложиме сите сили и моите млади играчи и го прават тоа. Со тој борбен дух конечно мора да тргнеме напред” – вели тренерот Армин Фе.

Спортскиот директор на Баер Руди Фелер, и покрај поразот, има само една забелешка на адреса на тимот: “Начинот на игра е в ред, ангажманот исто така, во моментов губиме поради сопствената слабост во реализацијата на шансите. Не успеваме да си се наградиме за добрите игри, оти не постигнуваме голови – а во фудбалот без нив нема победи”.

Зад Баер, на 11-тото место на табелата, е Борусија Дортмунд со 14 бодови, Штутгарт има 13, Арминија Билефелд 12, Ханза 11. Нирнберг, Бохум и Дуизбург досега освоија по 9 бодови, а Енерги на последното место има само 5.

Извесно охрабрување за екипата од Котбус е нерешениот резултат 1 спрема 1 на гости кај Арминија. Ова беше и прв гол на Енерги постигнат на туѓ терен во тековново првенство. За нивната вредност и значење тренерот Бојан Прасникар рече: “На крајот имавме среќа со тој гол. Многу сум задоволен со бодот, оти тој е добар стимуланс за нас за наредната средба”.

Од фудбалот уште неколку информации:

Во квалификациите за наредното европско првенство 2009-та во Финска, женската репрезентација на Германија без поголеми проблеми ја совлада Белгија со 3 спрема 0.

Тео Цванцигер е реизбран за претседател на Германскиот фудбалски сојуз, а нов генерален секретар е Волфганг Нирсбах, кој беше потпретседател на Организациониот комитет на минатогодишното светско фудбалско првенство. Претседателот на тој комитет Франц Бекенбауер, според соопштението на ФИФА, го презема потпретседателското место во Комисијата за женски фудбал при светската асоцијација.

Зоран Јордановски