1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Религијата против уметноста

Уметниците немаат лесен живот во Русија. Неделава една судска пресуда покажа колку во прашањата на уметничките слободи се’ позасилено се меша и црквата која во Русија има се’ поголема моќ.

default

Кустосите Андреј Јерофјеф и Јури Самодуров

На крајот на спорниот процес стои и спорна пресуда. Познатите руски кустоси Андреј Јерофјев и Јури Самодуров се осудени на парични казни, поради тоа што во една изложба пред три години се обиделе да го тематизираат прашањето на цензурата и автоцензурата во руската уметност. Меѓу деситината дела кои останатите музеи и галерии не се осмелија да ги прикажат се и платна со распетие на кое Мики Маус е на местото на Исус Христос. Тоа не им се допадна на претставниците на Руската православна црква.

Поттикнување верска омраза

Судот својата пресуда ја образложи со поттикнување на ширењето на верска омраза. Така донекаде би гласело сублимираното речиси двoиполчасовно излагање на главната судијка во московскиот суд. Притоа можеше уште да се чуе дека изложбата „Забранета уметност“ ги повредила чувствата на верниците без оглед дали тие ја виделе или не. Ако му се верува на руското правосудство, кај некои верници посетата на спорната изложба предизвикала „Психотрауматски проблеми и морални маки“, „Честа на овие верници е длабоко повредена“, заклучи судијката.

За вакви кривични дела руското законодавство предвидува затворска казна и до 5 години. Со оглед на тоа зачудува фактот дека Самодуров и Јерофјев добија само парична казна: „За Јури Владимирович Самадуров таа изнесува 200 илјади рубљи, а за Андреј Владимирович Јерофјев 150 илјади рубљи“, објави судијката.

Moskauer Kunst-Experten droht Haft

И оваа фотографија е меѓу делата од спорната изложба „Забранета уметност“

Пресметано во евра казните изнесуваат околу 5 односно 4 илјади. Државното обвинителство наспроти тоа побара тригодишна затворска казна. Јерофјеф чувствуваше олеснување дури и ако смета дека не е виновен: „Тоа е и останува кривична пресуда Морам да бидем задоволен што не морам во затвор. Ама за вистинска радост е прерано. Државата ја поддржа пресудата. И за една претходна изложба имаше казна. Тоа значи дека и во иднина ќе има такви процеси. Да се казнува сопствената култура е шокантно.“

Навреда на православието

Андреј Јерофјев, некогашен кустос во галеријата Третјаков и Јури Самадуров, поранешен директор на Центарот Сахаров, во 2007 година ја организираа изложбата „Забранета уметност“, на која меѓу другото можеа да се видат слики како Мадона од кавијар, Исус на крстот со Ленинов орден наместо лик итн. Руската православна црква беше ужасната, а руските ултранационалисти во изложбата видоа отворен напад на руската и православната душа. Тие сметаат и дека пресудата е блага.

Процесот од самиот почеток пред се’ во странство предизвика негативни реакции. Руските уметници поради тоа неодамна, во писмо до рускиот претседател Дмитриј Медведев побараа запирање на процесот, кој како што рекоа му нанесува штета на угледот на Русија во странство. Министерот за култура Александар Авдејев јавно изјави дека за спорната изложба може да се дасправа од морален но не и од правен аспект. Можно е сето ова да влијаеше врз одлуката на судот да додели само парична казна. Но, случајот се’ уште не е завршен. Осудените кустоси, но и обвинителството имаат можност да ја обжалат пресудата.

Автор: Естер Хартбрих/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска